МТСП: Воведуваме траен надоместок за невработен родител којшто се грижел за дете со попреченост

Со социјалната реформа се унапредуваат правата на лицата со попречености, но и на семејствата коишто се грижат за нив. За разлика од досегашната пракса, со која само се трансферираа финансиски средства до крајните корисници без притоа да добијат соодветна услуга, сега се става акцент на развојот на услугите кои ќе ја подобрат поддршката и негата, но и ќе ја зголемат независноста на лицата со попрченост и нивната вклученост во општеството. 

Биолошките семејства коишто имаат деца со попреченост,  како поддршка веќе имаат зголемен износ на утврдената висина на правото на посебен додаток за 15 %. 

Воведуваме и траен надоместок за родител, кој се грижел за детето со попреченост до неговата 26 годишна возраст без да го смести во институција. Право на овој надоместок ќе имаат родителите коишто се невработени  и не користат право на пензија. Надоместокот ќе може да го користат, по наполнување на 62 години за жена, односно 64 години за маж. 

Со новиот закон ја развиваме и услугата за одмена на семејна грижа која ќе обезбедува краткотрајно згрижување на зависни членови од семејството заради одмор, лични и професионални потреби на членови на семејството кои се грижат за нив.

Користењето на правото за попреченост, со новиот Закон се проширува и за лицата со интелектуална попреченост, додека додатокот за надоместок за плата за скратено работно време за родител кој чува дете со попреченост се зголемува до 50% од просечната нето плата. Се воведуваат две целосно нови услуги за лицата со попреченост - Лична асистенција и услугата Домашна нега.

Активно продолжува да тече и процесот на деинституционализација. Владата на Република Северна Македонија лани ја усвои Националната стратегија за деинституционализација 2018-2027 „Тимјаник“, која предвидува 66 милиони евра за 10 годишна реформа на системот за социјална заштита. 

Ова е доказ дека оваа Влада работи на унапредување на правта на лицата со попреченост и во целост ги има во предвид одредбите на Конвенцијата за правата на лицата со попреченост, особено нејзините одредби за независен живот и независно одлучување кои се основата на развојот на сите нови индивидуални услуги коишто во минатото не постоеле.