Обраќање на министерката Царовска на настан на ОН за одбележување на ратификацијата на Истанбулската конвенција

По повод Меѓународниот ден на жената, Канцеларијата на Обединетите нации организираше настан за одбележување на ратификацијата на „Истанбулската конвенција“ од страна на Собранието во декември минатата година.

На овој настан, покрај премиерот Заев, министерот за здравство, Филипче и постојаната координаторка на ОН во земјава, Винтон, свое обраќање имаше и министерката за труд и социјална политика, која го изјави следново:

,,8-ми Март оваа година го дочекуваме со возобновена, ослободувачка и зајакнувачка енергија која ја предизвика глобалното движење на жените, кои решија гласно да проговорат и да се спротивстават на насилството на кое се изложени. Особено ме радува што и жените од нашата земја се приклучија на светскиот тренд на охрабрување да се проговори за насилството со кое се соочиле, затоа што конечно зборуваме за трансформација на општества. И затоа, сега кажувам дека храброста и пркосот на жените биле и се движечката сила на прогресот во општествата, отсекогаш и насекаде. Сега кажувам дека родовата еднаквост не е само прашање на фундаментални човекови права, туку и основа за просперитет и одржлив развој. ‘’

Според Царовска, прашањето на надминување на родовата нееднаквост и борбата против насилството врз жените не е нешто што можеме да го направиме само со зборови, потребни се конкретни дела. ,,Оваа Влада и јас лично како Министерка се заложивме дека ќе го направиме неопходниот пресврт, како што доликува на една демократска европска земја, после еден подолг период во кој се уназадуваа веќе стекнати права на жената, а на родовите теми се гледаше исклучиво преку патријархален светоглед.’’

Министерката посочи дека ратификувањето на Истанбулската конвенција претставува револуционерен чекор во превенцијата и борбата против родово базираното насилство, но клучниот предизвик е доследната имплементација на обврските што се презедоа со прифаќањето на оваа конвенција.

Во финална фаза е донесување на Национален акциски план за имплементација на Конвенцијата. Во изработката на овој документ се вклучени сите релевантни засегнати страни, институции, судови, парламентарки и здруженија на граѓани.

Клучни сегменти од овој план, односно конкретните задачи кои треба да се реализираат се:

- Хармонизирање на постојните закони со новите одредби од Конвенцијата, а потоа и  усогласување на подзаконските акти;

- Воспоставување на мрежа на специјализирани сервиси во согласност со минимум стандардите препорачани од Советот на Европа;

- Согласно со Конвенцијата, треба да се воспостават најмалку 25 засолништа за жртви на насилство  и  најмалку 5 кризни центри за жртви на силување и најмалку 3  центри за жртви на сексуално насилство;

- Исто така,  треба да се отворат најмалку 20 советувалишни центри за кризна интервенција, психолошко советување и бесплатна правна помош;

- Неопходна е едукација и обука на социјални работници, полициски службеници,  јавни обвинители, судии и други државни службеници кои работат на спроведувањето на законите поврзани со насилството над жените;

- Потребно е да се развие и усвои концепт за статистичко следење на насилството над жените.