Отворена нова градинка во Пробиштип

Министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска, денеска присуствуваше на отворање на новиот објект „Детелинка“ на детската градинка  „Гоце Делчев“ во  Пробиштип. „Раниот детски развој е клучен за понатамошниот развој на секое дете.

За да кажеме дека образованието во една држава е квалитетно, мора да ги имаме градинките како основа. Наша цел и заложба е опфатот на деца во предучилишно образование да го зголемиме за 50%. Изминатата година изградивме 23 нови објекти, а за оваа издвоивме 300% повисок буџет за оваа намена.Вложуваме  во квалитетно предучилишно образование, инвестираме во нашата иднина“, изјави Царовска.

Во новиот објект „Детелинка“ ќе се згрижуваат до 40 деца на возраст од 2 до 6 години, со што капацитетите на градинката се зголемуваат од 422 на 462 деца. Новата градинка има вкупна површина од 290 м², а за нејзина изградба и опремување МТСП издвои околу 5,7 милиони денари од сопствениот буџет. За зголемување на капацитетите  во предучилишното образование Министерството за труд и социјална политика, заедно со Министерството за финансии зема посебна програма со Светска Банка. Оваа програма е во износ од околу 15 милиони евра и е наменета за нови градинки. Паралелно со инвестициите во инфраструктурата, МТСП континуирано работи на зајакнување на кадарот во градинките и надградување на компетенциите на воспитувачите/чките.