Отворени нови простории на објектот “Чекорче” во  Аеродром 

Претседателот на Владата на Република Македонија Емил Димитриев, министерот за труд и социјална политика Ибрахим Ибрахими и градоначалникот на Општина Аеродром Ивица Коневски ги посетија новите простории на објектот „Чекорче“ кој е дел од Јавната установа-детска градинка “Срничка” на Општина Аеродром. 

Инаку,  ЈОУДГ “Срничка” е со голем капацитет кој изнесува 910 деца, а просечно згрижува до 1500 деца месечно, со постоечки 6 објекти („Калинка“, „Црвенкапа“, „Изворче“, „Бамби“, „Чекорче“ и „Лале“). Стариот дел на објектот „Чекорче“ во кој е извршена промена на просторните услови е изграден со капацитет за 180 деца опфатени во 10 групи и со површина од 1522 м/2. 

Во новоизградениот дел на објектот „Чекорче“ ќе бидат згрижени уште 150 деца и истиот ќе функционира со 16 групи, со капацитет до 330 деца, на возраст до 6 години,  односно до вклучување во основно образование, со што објектот за деца ќе биде со среден капацитет. 

Објектот е со приземје и кат (П+1) и располага со: 6 занимални, од кои 3 се на приземниот дел за деца од 3 до 6 годишна возраст и 3 занимални се на првиот кат за деца до 3 годишна возраст.

“Со сите овие активности во последните 3 години, во општина Аеродром зголемени се капацитети во двете јавни установи за деца – детски градинки, за уште 225 деца”, изјави министерот за труд и социјална политика Ибрахим Ибрахими и ја искористи приликата на сите дечиња коишто ќе поминат дел од своето детство во овие објекти да им посака убави и среќни моменти.  

Тој потсети: “Со оваа инвестиција практично го зголемивме бројот на постоечките 65 градинки во 54 општини, кадешто во моментов се згрижени околу 32874 дечиња во Јавните установи за деца-детски градинки, а со приватните детски градинки и центрите за ран детски развој вкупно се згрижени 36464 деца од предучилишна возраст, што претставува 26% генерациски опфат на деца од 0-6 годишна возраст или 38,5% на згрижени деца од 3-6 годишна возраст”. 

Во оваа прилика премиерот Димитриев најави дека во следниот период треба да започне и реализацијата на проектот за изградба на нови 140 градинки за кои ќе бидат инвестирани околу 25 милиони евра. 

“Тоа е еден проект којшто ќе вреди околу 25 милиони евра, а ќе почне со реализација од годинава и ќе трае во следните две до три години, рече Димитриев, додавајќи дека од 2006 година досега се забележува тренд на зголемување на опфатот на деца кои се згрижени во градинките”, инфомрираше Димитриев.

Градоначалникот на Аеродром,Коневски за годинава најави изградба на уште објекти за згрижување на деца со што очекува да бидат згрижени сите деца  во општината и да нема повеќе листи за чекање. 

Инаку, во општина Аеродром фунцкионираат 2 јавни установи за деца-детски градинки “Срничка” и “Буба Мара” со вкупно 11 објекти и проектиран капацитет до 1800 деца, а просечно се зрижени 2500 деца.