Преку проектот “Инклузија на децата Роми во јавните детски установи” 4.150 деца Роми вклучени во предучилишното образование

 
Министерот за труд и социјална политика Ибрахим Ибрахими денеска одржа средба со директори, воспитувачи, претставници на единиците на локална самоуправа и претставници на невладини организации вклучени во проектот “Инклузија на децата Роми во јавните детски установи (градинки)”. 

Имено, проектот „Инклузија на деца Роми во ЈОУДГ„ е заеднички проект на Министерството за труд и социјална политика, Ромскиот образовен фонд и единиците на локална самоуправа.

Главна цел е подобрување и поддршка за интеграцијата и намалување на запоставеноста на ромските деца со зголемување на бројот на деца Роми згрижени во јавните општински установи детски градинки, две година пред поаѓање во основното образование. “Низ сите изминати години во соработка со Ромскиот едукативен фонд, делувавме на зајакнување на соработката со единиците на локалната самоуправа, негувателките, медијаторите, родителите за на крај да постигнеме ефект на зголемен број на деца Роми кои посетуваат градинката.

До овој момент, поточно до учебната 2015/2016 година, можеме да се пофалиме со бројка од 4.150 деца Роми вклучени во предучилишното образование, и уштеповажно голем процент од нив, дури 82 % продолжуваат и се запишуваат во основното образование”, рече Ибрахими на средбата и дополни дека интеграцијата на децата не е едностран процес и мора да се поврзе со свеста кај секој родител. 

“Предизвик е децата не само да ја посетат градинката, туку редовно и целодневно да бидат вклучени во неа. Затоа наша заложба е пронаоѓање на соодветен метод за активно ангажирање на родителите преку различни работилници и сесии. Сесиите “Ваша приказна”, “Мотивационите работилници со заедницата”, програмата позната како Home Pre-school Community Liaison Program ќе бидат наш приоритет и следниот период”, рече министерот за труд и социјална политика.

На средбата беше истакнато дека досега во редовен работен однос се вработени 19 Ромки негувателки, како и тоа дека во учебната 2016/2017 се планира да бидат опфатени 650 деца преку проектот.