Седница на Економско-социјалниот совет

Продолжување на ефективниот социјален дијалог за динамизирање на економскиот раст и креирање одржливи работни места

Разгледување на постигнатите резултати од досегашното функционирање на трипартитниот социјален дијалог на национално и на локално ниво, како и утврдување на можностите и приоритетните области за делување во следниот период, беа главните теми на седницата на Економско-социјалниот совет со која претседавше министерот за труд и социјална политика, Ибрахим Ибрахими, а во која активно се вклучија и претставницитете на репрезентативните социјални партнери - Организацијата на работодавачи на Македонија, Сојузот на синдикатите на Македонија и Конфедерацијата на слободни синдикати на Македонија.

„Членовите на Економско-социјалниот совет се согласни дека предизвиците со кои се соочува земјата поврзани со долготрајната политичка криза не треба да се пречка за остварување и натамошно динамизирање на трипартиниот социјален дилајог. Времето до формирањето на новата Влада треба ефективно да се искористи за да се поттикне имплементацијата на веќе усвоените економски и социјални политики, но и да се договорат следните чекори кои треба да овозможат натамошен економскиот раст на земјата, преку привлекување нови инвестиции, создавање нови работни места и гарантирање на стабилноста и одржливоста на постојните, со цел подигнување на животниот стандард на сите граѓани и севкупен напредок на земјата“, изјави министерот за труд и социјална политика Ибрахим Ибрахими, во својство на претседател на Економско-социјалниот совет (ЕСС).

Осврнувајќи се на функционирањето на ЕСС во изминатиот период, министерот Ибраими констатираше дека постигнат е евидентен напредок, како во неговото институционално зајакување, така и во остварувањето на неговата основна советодавно-консултативна улога при креирањето и имплементацијата на економските и социјалните стратегии и политики.

“Досега остварените резултати на Економско-социјалниот совет недвојбено покажуват дека кога постојат реални аргументи и заеднички интерес, а тоа е економскиот и социјалниот развој на земјата, тогаш можат да се премостат и најголемите предизвици и да се дојде до решение кое ќе биде во полза на работниците, на работодавачите, на државата и на сите граѓани”, потенцираше Ибрахими.

Во овој дел, членовите на ЕСС разгледаа и дадоа мислења, препораки и поддршка за имплементација на повеќе проекти од економско-социјалната сфера, како што се: проектот „Македонија вработува“, Акцискиот план за вработување на млади за периодтот 2016-2020,  измените и дополнувањата на законите за вработување и осигурување во случај на невработеност, за минималната плата, за пензиско и инвалидско осигурување, како и за донесување на законот за еднократно отпишување на долговите на граѓаните и на законот за национална база на податоци за лица со инвалидност.

Членовите на ЕСС го констатираа и евидентиот прогрес во јакнењето на институционалните капацитети на Советот за што беа реализирани голем број активности во рамки на проектот „Унапредување на социјалниот дијалог“, финансиран од Европската Унија, што го спроведува Меѓународната организација на трудот (МОТ). Благодарение на поддршката и експертизата од МОТ формиран беше секретеријат, како работно тело на Советот, кој доби целосно опремени и функционални работни простории, а изготвени се и деловник, годишна програма за работа и комуникациска стратегија на ЕСС, како и трипартитни акциски планови за подобрување на социјалниот дијалог и за колективното договарање. Поставен е и целосно функционален систем за управување и регистар за евиденција на случаи на мирно решавање на работни спорови, а во тој дел беше организрана и обука за членовите на трипартитната комисија за издавање лиценци на помирувачи и арбитри во работни спорови.

Дополнително, за членовите на ЕСС, на неговиот секретеријат и на формираните работни тела, беа организирани и ефективни обуки за креирање и спроведување на политики за вработување, за плати, вклучувајќи и минимална плата, за имплементација на меѓународните стандарди за трудот, родовата еднаквост и недискриминација, како и обуки од областта на макроекономијата, неформалната економија, безбедноста и здравјето при работа, социјалната сигурност и управувањето со проектни циклуси.

За претседателот и членовите на Економско-социјалниот совет, сите овие реализирани активности претставуваат солидна основа за натамошно успешно функционирање на ова институционално тело во насока на поефикасно остварување на неговата клучна улога и мисија – јанење на дијалогот меѓу репрезентативните претставници на работниците, работодавачите и Владата, заради постигнување социјална стабилност и динамичен економски развој на земјата.