Реакција во врска со наводите на Европскиот центар за правата на Ромите за случајот со штитеничка на ЈУ Завод за згрижување на деца со воспитно-социјални проблеми и нарушено поведение во Скопје


Министерството за труд и социјална политика одржа брифинг за медиуми во врска со случајот на Р.И., штитеничка на ЈУ Завод за згрижување на деца со воспитно-социјални проблеми и нарушено поведение во Скопје. Во насока на заштита на интересите и правата на детето, Министерството за труд и социјална политика се воздржува од споделување детали за случајот.


Сепак, сметаме дека е потребно да се нагласи дека се невистинити информациите дека Р.И. била сексуално злоупотребувана во самата институција каде што е згрижена. Но, постојат сериозни индиции за нејзина сексуална експлоатација во периодите кога ја напуштала установата, односно дека Р.И. е жртва на трговија со луѓе. За ова е информирано и Министерството за внатрешни работи за нивно натамошно постапување.


Исто така, би сакале да ги демантираме наводите дека родителското право е одземено поради состојба на сиромаштија. Нејзините родители биле осудени на затворска казна поради злоупотреба на децата, занемарување на родителска должност и користење на деца за питачење. Од тие причини, во изминатите години Р.И. била сместувана во неколку згрижувачки семејства и во ЈУ Завод за згрижување на деца со воспитно-социјални проблеми и нарушено поведение во Скопје. Воедно, потенцираме дека Заводот е од отворен тип и нема ингеренции со примена на сила да ги држи децата во установата. Поточно, такво однесување е забрането со закон.


Министерството за труд и социјална политика ги испитува сите околности и постапувања на надлежните установи, а во меѓувреме ја обезбедува неопходната психо-социјална поддршка за малолетната жртва.