Tркалезна маса „Можности и предизвици за вработување на социјално ранливи лица“

Министерот за труд и социјална политика Ибрахим Ибрахими учествуваше на тркалезната маса „Можности и предизвици за вработување на социјално ранливи лица“ во организација на Црвениот крст на РМ и Занаетчиската комора на град Скопје.

Министерот Ибрахими рече дека за вклучувањето на пазарот на трудот на социјално ранливи групи кои се евидентирани и како лица кои се подолгорочно невработени Министерството, предлага и имплементира мерки, активности, закони и стратегии кои се однесуваат на регулирањето на работните односи и нивно подобрување како и обезбедување социјална сигурност на лицата во социјален ризик.

„Социјалната инклузија и економското зајакнување на лицата во социјален ризик е интегрирано пред се во рамките на бројните оперативни програми и мерки коишто се спроведуваат години наназад и коишто даваат особени резултати”, истакна Ибрахими.

Генералниот секретар на Црвениот крст на Република Македонија Саит Саити рече дека овој проект претставува дополнителна можност за Црвениот крст да го сврти вниманието на јавноста кон активности кои придонесуваат за исполнување мисија за помош и поддршка на ранливите групи на граѓани во Македонија

.„Од големо значење е тоа што овој проект обезбедува и психо-социјална поддршка на корисниците со цел зајакнување на капацитетите за личен раст и развој, но и поддршка на нивните семејства, прилагодени на нивните потреби, користејќи ги сите расположливи ресурси во заедницата”, рече Саити.

Тркалезната маса е дел проектот „Преземи акција за подобра конкурентност на пазарот на трудот“, кој што е финансиран од ЕУ  и има за цел подготвување на 40 лица од социјален ризик кои се долгорочно невработени и овозможување на нивно вклучување во социјалниот и економскиот живот, создавајќи приходи за себе.