Детски додаток

Детски додаток е право на детето и се обезбедува како паричен надоместок за покривање на дел од трошоците во подигање и развој на детето.
Право на детски додаток остварува еден од родителите на детето, државјанин на Република Македонија со постојано место на живеење во Републиката, за дете државјанин на Република Македонија и на редовно школување во Републиката, ако родителот е: вработен во трговско друштво, јавно претпријатие, јавна установа, установа и друго правно лице кое врши стопанска дејност и друго правно лице кое врши дејност на јавна служба, државен орган и орган на единица на локална самоуправа и друго домашно и странско физичко лице и правно лице кое вработува работници, со најмалку половина од полното работно време, односно со него изедначеното работно време; корисник на правата од пензиско и инвалидско осигурување, според одредбите на Законот за пензиско и инвалидско осигурување;невработено лице кое прима паричен надоместок; корисник на постојана парична помош;воен инвалид и корисник на семејна инвалиднина; земјоделец-обврзник на данок од приход кој врши земјоделска дејност како единствено и главно занимање и занаетчија кој врши стари занаети и занаетчија кој врши занаетчкиски дејности кои се дефицитарни.

По исклучок ако родителот или член на неговото семејство е сопственик на деловен простор, основач на трговско друштво или установа, не може да оствари право на детски додаток за дете.

Странски државјанин кој има живеалиште на територијата на Република Македонија може да оствари детски додаток за дете согласно Законот за заштита на децата и меѓународните договори ратификувани согласно Уставот на Република Македонија.

Детски додаток се остварува во зависност од возраста на детето и материјалната состојба на семејството. Право на детски додаток се обезбедува на дете до наполнување на 18 години живот и доколку детето од училишна возраст е на редовно школување и тоа: на дете кое е редовен ученик во основно училиште до завршувањето на школувањето за толку години колку што трае редовното школување, заклучно до 31 август во годината; и на дете кое е редовен ученик во средно училиште, за секоја учебна година заклучно со 31 август во годината но најдолго до наполнување на 18 години живот.

На дете на кое му престанало својството на редовен ученик не му следува детски додаток и правото му престанува од првиот ден на наредниот месец по престанување на тоа својство.  

Дете кое наполно и трајно или за подолго од една година ќе остане неспособно за работа пред наполнети 15 години од животот или за време на редовното школување, има право на детски додаток за време на траењето на неспособноста на детето, но најдолго до 18 години живот. Како наполно и трајно неспособно за работа се смета и дете на кое му е признато право на работно оспособување се до негово успешно завршување, но најдолго до наполнување на  18 години живот.

По исклучок право на детски додаток има дете кое поради болест или повреда е спречено редовно да ја посетува наставата и заради таквата спреченост вонредно го продолжува образованието согласно со закон.

Детски додаток следува за децата  кои родителот ги издржува и тоа за деца родени во брак или вон брак, посвоени деца, како и за внуци, браќа, сестри и за други деца земени на издржување.

За децата земени на издржување, детски додаток следува и кога тие имаат родители, ако:  

  • родителите им се наполно или трајно неспособни за работа;
  • се на издржување казна затвор;
  • им е одземено родителското право и
  • родителите се на редовно школување.

За деца земени на издржување детски додаток следува во случај кога и родителите и децата немаат имот или приходи од кои децата можат да се издржуваат.

 Детски додаток следува и за дете кое е без родителска грижа, а е сместено во згрижувачко семејство. 

Детски додаток не следува:

  • за дете кое поради воспитување, школување или оспособување е во завод или установа во кои целосно бесплатно е згрижено за време додека е во заводот или установата и
  • за дете државјанин на Република Македонија за кое родителот остварил право на детски додаток согласно со прописите на друга држава.


Материјалната состојба на семејството се утврдува врз основа на приходите кои ги остварува семејството и бројот на членовите на семејството.


Приходи врз основа на кои се утврдува материјалната состојба на семејството се сметаат приходите остварени по сите основи на сите членови на семејството како приход на семејството, и тоа:

  1. плата и надоместоци на плата (намалени за придонесите утврдени со закон);
  2. пензиски примања согласно со закон;
  3. паричен надоместок за невработени лица;
  4. постојана парична помош;
  5. социјална парична помош;
  6. приходи по основ на: имот и имотни права; по основ на вршење самостојна дејност, по основ на вршење занаетчиска дејност и други на данок подложни приходи (од авторски права,  права од индустриска сопственост, договор за дело, вештачење, повремени приходи);
  7. приходи по основ на  вршење земјоделска дејност кој претставува катастарски приход кој служел како основица за утврдување на данокот од приход од земјоделска дејност;
  8. приходи по основ на привремена  работа во странство;
  9. примања остварени во странство на  работници деташирани во странство;
  10. алиментација и стипендии и
  11. цивилна инвалиднина. 


Како приход не се сметаат: посебен додаток, надоместоци за телесно оштетување, паричен надоместок за помош и нега од друго лице, еднократна парична помош, еднократна парична помош за новороденче, родителски додаток за дете, приходите на згрижувачкото семејство, паричен надоместок за трошоците за згрижено лице во згрижувачко семејство, помош во случај на елементарни непогоди, субвенции по основ на вршење на земјоделска дејност како единствено занимање и алиментација која ја дава родителот за издршка на детето од разведен брак. 

При утврдување на правото на детски додаток, вкупно  остварените приходи во претходната година од точките 1, 2, 3, 4, 5, 8, 9, 10 и 11 и  вкупно остварените приходи од претпретходната година од точките 6 и 7 на сите членови на семејството поединечно се собираат и се делат со 12, односно на онолку месеци за колку се остварени. Просечните месечни приходи на семејството се делат со бројот на членови на семејството.

Семејство во смисла на овој закон го сочинуваат брачните, односно вонбрачните другари, децата родени во брак, вон брак или посвоени, посиноци, внуци без родители земени на издржување и малолетни браќа и сестри (доколку немаат родители и се без средства за егзистенција), кои сочинуваат заедница на живеење, стопанисување и трошење.

За член на семејство не се сметаат: лицата на кои државата им обезбедила целосно бесплатно издржување, кои престојуваат најмалку шест месеци во странство или се наоѓаат на издржување на казна затвор.  

Право на детски додаток има дете во семејство чии приходи по сите основи по член на семејство изнесуваат до 2.490 денари, а за дете на самохран родител  изнесуваат до  4.980 денари.Износите се усогласуваат со порастот на трошоците на живот за претходната година објавени од Државниот завод за статистика, во јануари за тековната година.

Висината на детскиот додаток изнесува:

  • за дете од предучилишна возраст  и за дете ученик во основно училиште  716  денари;
  • за дете ученик во средно училиште до наполнување на 18 години живот 1.136 денари;

За децата наполно и трајно неспособни за работа, висината на детски додаток се определува на следниот начин:

  • за дете наполно и трајно неспособно за работа до навршени 15 години живот   716 денари;
  • за дете наполно и трајно неспособно за работа над 15 години живот до наполнување на 18 години живот 1.136 денари.

Вкупниот месечен износ на детски додаток за децата за кои родителот го остварил правото изнесува 1.800 денари. Износите на висините и вкупниот месечен износ  се усогласуваат  со порастот на трошоците на живот за претходната година објавени од Државниот завод за статистика, во јануари за тековната година. 

Со преминувањето на детето од основно во средно училиште се променува висината на детски додаток од првиот месец на учебната година.По исклучок за дете кое наполно и трајно или за подолго од една година ќе стане неспособно за работа пред наполнети 15 години  живот  или за време на редовното школување како и за дете на кое му е признато право на работно оспособување висината на детски додаток се променува од наредниот месец по наполнување на 15 години живот.

Постапката за остварување односно продолжување на правото за детски додаток се поведува по поднесено барање на родителот, односно старателот на детето. 

Барањето за остварување на правото со потребна документација се поднесува до центарот за социјална работа, надлежен за подрачјето на кое подносителот на барањето има живеалиште.

Правото за детски додаток се остварува од првиот ден на наредниот месец по поднесувањето на барањето. 

 Корисникот на правото на детски додаток е должен надлежниот центар за социјална работа да го извести за секоја промена на фактите и околностите кои биле основа за признавање на правото најдоцна во рок од 15 дена од денот кога настанале тие промени. 

Барањето за продолжување на правото на детски додаток за наредната година  се поднесува до 31 март во таа година. Доколку барањето за продолжување на правото на детски додаток е поднесено после овој рок, барателот ќе се стекне со продолжување, односно користење на правото првиот ден на наредниот месец од месецот во кој е поднесено барањето за продолжување на правото.