Еднократна парична помош за новороденче


Еднократна парична помош за новороденче се обезбедува на семејството за прво новородено дете. За прво новородено дете се смета дете кое е прво живородено дете по ред на раѓање на мајката. За прво новородено дете ќе се сметаат и децата кога мајката при првото раѓање ќе роди повеќе деца одеднаш (близнаци, тројка и повеќе). За прво новородено дете ќе се смета и првото посвоено дете, како и кога ќе се посвојат повеќе деца одеднаш (близнаци, тројка и повеќе) при првото посвојување, на возраст на детето/цата до една година доколку мајката нема прво новородено дете.

Право на користење на еднократна парична помош за новороденче има еден од родителите, државјанин на Република Македонија со постојано место на живеење во Република Македонија за дете родено на територијата на Република Македонија.

Висината на еднократната парична помош за новороденче изнесува 4.829 денари. Износот се усогласува со порастот на трошоците на живот за претходната година објавени од Државниот завод за статистика, во јануари за тековната година.

Барањето за остварување на право за еднократна парична помош за новороденче со потребна документација во прилог се поднесува до центарот за социјална работа, надлежен за подрачјето на кое мајката има постојано место на живеење.

Барањето за остварување на правото на еднократна парична помош за новороденче со потребната документација се поднесува до надлежниот центар за социјална работа, најдоцна до наполнети три месеци живот на детето, а за посвоено дете најдоцна до три месеци од заведувањето на посвоеното дете во книгата на родените.

Во случај кога мајката не е државјанин на Република Македонија, а склучила брак со државјанин на Република Македонија и има лична карта за странец издадена од Министерство за внатрешни работи, барањето за остварување на правото на еднократна парична помош за новороденче го  поднесува таткото до центарот за социјална работа надлежен за подрачјето на кое таткото има постојано место на живеење.