Родителски додаток за дете

 
Родителски додаток за дете остварува мајка за своето трето живородено дете. Правото го остварува мајка која е државјанин на Република Македонија со постојано место на живеење во Република Македонија последните три години пред поднесување на барањето.

Правото на родителски додаток го остварува мајка која непосредно се грижи за детето за кое поднела барање,  чии деца од претходниот ред на раѓање не се сместени во установа за социјална заштита, згрижувачко семејство или не се дадени на посвојување и на која не и е одземено родителското право над децата од претходниот ред на раѓање.

Правото не може да се оствари ако мајката за време на бременоста не вршела здравствени прегледи и контроли кај избран лекар-специјалист по гинекологија и акушерство.

Правото не може да се оствари односно ќе го изгуби веќе оствареното право, доколку:

  • не се вршат задолжителните вакцинации на детето согласно со закон  и 
  • детето не биде запишано и редовно не ја следи наставата во основно училиште согласно со закон.

По исклучок правото на родителски додаток се  остварува и за детето:

  • кое поради болест или повреда е спречено редовно да ја посетува наставата и заради таквата спреченост вонредно го продолжува образованието согласно со закон и
  • кое поради степенот на попреченоста не може да се образува согласно со закон.


Правото не може да се оствари ако мајката во моментот на поднесувањето на барањето живее и работи во странство.

Во случај мајката да не е жива, да го напуштила детето, или од оправдани причини да е спречена непосредно да се грижи за детето, правото наместо мајката може да го оствари таткото или старателот доколку ги исполнува погоренаведените  услови.

Оправдани причини се:

  • подолготрејно континуирано болничко лекување на мајката;
  • сериозно нарушена здравствена состојба на мајката;
  • студиски престој, усовршување и специјализација на мајката и
  • одземена деловна способност на мајката.

Родителскиот додаток за трето дете се исплатува месечно, за период од десет години, во висина од 8.048 денари. Износот се усогласува со порастот на трошоците на живот за претходната година објавени од Државниот завод за статистика, во јануари за тековната година.

Барање за остварување на право за родителски додаток за дете со потребна документација во прилог се поднесува до центарот за социјална работа, надлежен за подрачјето на кое мајката има постојано место на живеење. 

Барањето за остварување на правото на родителски додаток за дете со потребната документација се поднесува до надлежниот центар за социјална работа, најдоцна до наполнети три месеци живот на детето и правото на родителски додаток за дете се остварува од денот на раѓањето на детето.

Редоследот на раѓањата на децата кај правото на родителски додаток за дете се утврдува спрема бројот на живи деца на мајката утврдени во однос на денот на поднесување на барањето за остварување на правото на родителски додаток за дете, спрема датата и часот на раѓањата запишани во матичната книга на родените, кој редослед се утврдува на ист начин и во случаите кога мајка ќе роди повеќе деца одеднаш.

Барањето за продолжување на правото на родителски додаток за дете за наредната година се поднесува до 31 март во таа година. Доколку барањето за продолжување на правото на родителски додаток за дете е поднесено после овој рок, барателот ќе се стекне со продолжување, односно користење на правото првиот ден на наредниот месец од месецот во кој е поднесено барањето за продолжување на правото. 

Обрасци на барања за остварување-продолжување на правото на родителски додаток за дете (за трето дете):

  • Барање за остварување-продолжување на правото на родителски додаток за дете (за трето дете) –ПРИЛОГ бр. 4 БРДД (кога правото го остварува мајката)  и
  • ПРИЛОГ бр.4А БРДД (во случаите кога правото го остварува таткото/старателот).


Корисници кои се стекнале со право на родителски додаток за дете (за трето и четврто дете) согласно со одредбите на членовите 30-а и 30-б од Законот за заштита на децата („Службен весник на Република Македонија“ бр.98/00, 17/03, 65/04, 113/05, 98/08, 107/08), одредбите на членовите  98 и 99 од Законот за изменување и дополнување на Законот за заштита на децата („Сл.весник на Република Македонија“ бр. 83/09) и прописите кои важеле до денот на влегување во сила на овој закон во висина утврдена со членот 9 од Законот за изменување и дополнување на Законот за заштита на децата („Сл.весник на Република Македонија“ бр. 156/09) продолжуваат да го остваруваат односно користат правото на родителски додаток за дете (за трето и четврто дете). Барањето за продолжување на правото на родителски додаток за дете за наредната година се поднесува до 31 март во таа година.