Родово одговорно буџетирање

Министерството за труд и социјална политика имплементира проект подржан од УН жени за инкорпорирање на родовата перспектива во буџетските политики на  локално ниво.

Преку овој проект ќе се реализираат следниве активности:

  • Спроведување на родово буџетска анализа и подготовка на извештај за програмата која е одбрана да се следи согласно со насоките за подготовка на буџетскиот циркулар;
  • Дополнување на буџетски циркулар со насоки за мерење на ефективноста на буџетските и програми кон потребите на мажите и жените;
  • Реализирање на основни и специјализирани обуки за вработените во државните и јавните институции и
  • Организирање на промотивни активности (конференции, дебати, јавни расправи и други настани).

Oвој проект ќе придонесе за вклучување на граѓаните во креирањето на буџетските политики и вклучување на нивните приоритети и потреби во буџетите на единиците на локалната самоуправа, како и во Буџетот на Република Македонија. Во рамките на проектот, селектирани се 10 општини (Град Скопје, Тетово, Штип, Битола, Струмица, Маврово Ростуше, Богданци, Делчево, Брвеница, Ѓорче Петров) во кои што ќе се реализираат активности на локално ниво.

Период на реализација на проектот: 2014-2016 година

Оваа активност се спроведува секоја година континуирано и е во рамки на повеќегодишен регионален проект.

Развивање на специфичен модул за gender mainstreaming за државни службеници и нивно интегрирање во програмата за обука на МИОА

Подготовката на модулот ќе овозможи разбирање на концептот на родовата еднаквост од страна на државните службеници на национално и локално ниво.

Во рамки на оваа активност се изработи Прирачник за внесување на родовата перспектива во програмите и политиките кој ќе биде достапен за сите државни службеници и ќе претставува водич за тоа како да се направат родово сензитивни политиките, програмите и активностите кои се спроведуваат од страна на органите на државната управа а со тоа истите да имат еднаков бенефит за сите граѓани, жени и мажи.

Станува збор за активност чиј резултат индирекно ќе влијае на унапредување на еднаквоста помеѓу жените и мажите во Република Македонија.

Период на реализација на проектот: 2014-2015 година.


Проект Превенција на трговија со луѓе

Проектот опфаќа превенција, подигање на јавната свест (печатење на промотивни материјали и информативни активности) и обуки за работа со жртви на трговија со луѓе (идентификација и заштита).
Во оваа активност ќе бидат вклучени Министерството за внатрешни работи, Министерството за правда, Министерството за надворешни работи, Центрите за социјална работа, Националната комисија за борба против трговија со луѓе и илегална миграција, невладини организации и институции на локално ниво.

Во рамките на проектот, изработена е Програма за ресоцијализација и реинтеграција на жртви на трговија со луѓе, Програма за ресоцијализација и реинтеграција на деца жртви на трговија со луѓе и развиени се индикатори за идентификација на жртви на трговија со луѓе, кои што се усвоени од Националната комисија за борба против трговија со луѓе и илегална миграција. До крајот на годината се планирани три обуки за имплементација на програмите за ресоцијализација и реинтеграција на жртви на трговија со луѓе и деца жртви на трговија со луѓе, при што ќе бидат обучени 60 лица од центрите за социјална работа, полицијата, претставници на локалната самоуправа, образованието и здравството. 

Проектот се спроведува во периодот јуни-декември 2014 година.

Проект за поддршка во ефективна имплементација на Националната стратегија за еднаквост и недискриминација  2012-2015

Министерството за труд и социјална политика во соработка со мисијата на ОБСE во Скопје, Република Македонија, го спроведува Проектот за поддршка во ефективна имплементација на Националната стратегија за еднаквост и недискриминација  2012-2015, како и Оперативниот план за спроведување на истата за 2014 година.

Оваа активност претставува продолжување на досегашната соработка со ОБСЕ на овој план и активностите кои ќе се реализираат во проектот се дел и од европските и меѓународните стандради за еднаквост и недискриминација.

Во рамки на проектот ќе се подготви анализа за дискриминаторските практики во областа на образованието. Анализата ќе биде изработена врз четири специфични дискриминаторски основи:етничка припадност, возраст, пол и менталната и телесна попреченост.

Во рамки на проектот ќе се подготви и Акцискиот план за имплементација на Законот за спречување и заштита од дискриминација.

Проектот е во тек и ќе заврши во декември 2014 година.