Проект за координација на социјалната сигурност и реформи во социјалната сигурност (SSCSSR)


Целта на IPA Заедничката програма на Европската комисија и Советот на Европа за координација на социјалната сигурност и реформи во социјалната сигурност (SSCSSR) е да продолжи во обезбедувањето на поддршка на страните-кориснички во регионот на Југоисточна Европа (Албанија, Босна и Херцеговина, Хрватска, Црна Гора, Србија, Македонија, Турција и Kосово) во понатамошното зајакнување на регионалната координација на системите за социјална сигурност и во поддршката на институционалните, законодавните и административните реформи во областа на социјалната заштита, во согласност со стандардите на Советот на Европа и на ЕУ. Регионалната Програма за координација на социјалната сигурност и реформи во социјалната сигурност започна во март 2008 година и ќе трае до август 2011 година.
 Оваа програма претставува продолжување на Заедничката програма на Европската комисија и Советот на Европа за поддршка на социјалните институции, која се имплементираше во рамките на CARDS Регионалната акциска програма (2004-2007).

Додека SSCSSR Програмата е насочена кон владите, политичарите, државните службеници, социјалните институции, академските институции и други заинтересирани страни кои се занимаваат со социјални прашања, во крајна линија, крајните корисници на Програмата се сите граѓани и жители во регионот, а особено мигрантните работници и нивните семејства, бегалците, пензионерите, жените, припадниците на малцинските групи, лицата со посебни потреби или лицата кои имаат потреба од општа здравствена заштита и сл.

Дизајнот на Програмата е одраз на стремежите на страните-кориснички, како и на целите што треба да се постигнат во текот на нејзината имплементација. Така, ќе бидат организирани летни школи за социјалната сигурност, работилници за пензиско и здравствено осигурување, како и за размена на податоци, студиски посети како дел од тренинг делот на Програмата.  Информативните (инфо) денови и повеќето студии и правни анализи што ќе бидат изготвени, ќе придонесат за развој на соодветните практични капацитети и законска рамка.

До крајот на Програмата ќе бидат обезбедени повеќе општи и специјализирани обуки за стручните лица кои работат во областа на социјалната сигурност во регионот, за стандардите на Советот на Европа во областа на социјалната сигурност, како и за принципите и регулативите кои ја уредуваат координацијата на социјалната сигурност во рамките на Европската унија.

Ќе се испитаат и голем број на индивидуални жалби штп се однесуваат на одредени пречки во остварувањето на правата од социјалната сигурност. Ова ќе има директно влијание врз граѓаните и жителите во регионот. 

Преку изготвување на повеќе извештаи и правни анализи, идејата е прво да им се помогне на страните-кориснички во разбирањето на разликите помеѓу нивните национални системи, споредени со системите на оние земји кои веќе се членки на ЕУ (и со тоа ги спроведуваат правилата на ЕУ за координација).

Состаноците на Управниот комитет на Програмата, заедно со состанокот на државниот секретари и на Министерската конференција, ќе обезбедат политичка координација, видливост и ќе го гарантираат постигнувањето на крајните резултати.

Програмата ќе се спроведува во тесна соработка со Европскиот институт за социјално осигурување (Лувен, Белгија), која ќе биде меѓу неговите главни партнери кои ќе бидат вклучени во академскиот дел на Програмата.

Други меѓународни организации и институции ќе бидат поканети да учествуваат во избрани активности, со цел да се даде глобална слика на постоечките меѓународни стандарди во социјалната сигурност воопшто и особено, во делот на координација на социјалната сигурност.

Во однос на организационата структура и предложениот тим, Програмата ќе биде управувана од страна на официјален администратор од Секторот за социјална политика, при Генералниот директорат за социјална кохезија на Советот на Европа.

На регионално ниво, воспоставена е Канцеларија на Регионалната програма во Скопје. Во секоја земја-корисник на Програмата, назначени се Локални програмски службеници.  Локалните програмски службеници ќе обезбедуваат локална поддршка во организацијата на сите настани и ќе дејствуваат како контакт лица меѓу Советот на Европа и администрацијата на страните-кориснички.