Пејачката Ирена Спасовска ја поддржува акцијата „Се грижиме за топол дом“
Акцијата „Се грижиме за топол дом“ која ја спроведува Министерството за труд и социјална политика денеска ја поддржа и пејачката Ирена Спасовска која донираше детско креветче. Пејачката Ирена Спасовска акцијата „Се грижиме за топол дом“ ја оцени како многу хумана и човечна и упати апел до сите граѓани на Република Македонија да се приклучат на оваа акција.
-Сите граѓани кои имаат покуќнина во нивниот дом која не им треба и им зафаќа место да го донираат и да усреќат некој дом. Оваа кампања е доста добра, бидејќи ние Македонците како народ сме доста хумани и им треба нешто што ќе ја поттикне нивната хуманост, рече Спасовска.
Акцијата започна да се спроведува од почетокот на август и досега голем број на хумани граѓани изразија интерес да донираат дел од својата покуќнина. Истата се спроведува во соработка со општините, Градот Скопје и општините во Градот Скопје, Црвениот Крст на Град Скопје и Црвениот Крст на Република Македонија.
Имено, помошта и поддршката на социјално загрозените семејства е континуиран процес со кој Владата на Република Македонија преку Министерството за труд и социјална политика и останатите стратешки партнери излегува во пресрет во задоволување на потребите на лицата на коишто им е најпотребна помошта.
Со оваа Акција ќе се намали социјалниот ризик од социјално исклучување на граѓаните на државата во задоволување на основните потреби од покуќнина, мебел, бела техника, електрични апарати, апарати за домаќинство, опрема за деца, велосипеди и друго.
|