Еднократна парична помош или помош во натура

Еднократна парична помош или помош во натура се доделува на лице или семејство кое се нашле во положба на социјален ризик, како и на лице и семејство заради претрпена природна непогода или епидемија и подолго лекување во здравствена установа.

Под помош во натура, во смисла на овој закон, се подразбира обезбедување на облека, исхрана и други средства за кои центарот за социјална работа ќе утврди дека се неопходни за минимална егзистенција на граѓанинот и семејството.

Правото ,по исклучок во несреќни случаи, акутна болест која бара болничко лекување и слично, може да го користат и државјани на Република Македонија кои немаат постојано живеалиште, како и странци со привремен престој  и регулиран влез во Република Македонија, согласно со закон.

Во Буџетот на Републиката се обезбедуваат средства за доделување на еднократна помош во случаи на вонредно загрозување на населението од поголеми размери.

Износот на еднократната парична помош може да изнесува  до 30.000 денари, и тоа:

  • за задоволување на потребите на лице или семејство кое се нашло во положба на социјален ризик, а која може да остави трајни последици, заради претрпена природна непогода (земјотрес, поплава, пожар), епидемија и смрт на член на семејството,
  • на семејство чиј член е корисник на земјоделско земјиште на плодоуживање во сопственост на државата, во моментот на склучување на договорот за плодоуживање согласно со прописите,
  • лице кое има потреба од оперативен зафат или подолго лекување во здравствена установа во странствo и
  • станбено необезбедено лице- корисник на постојана парична помош, како помош во обезбедување на нужно сместување.

Износот на еднократната парична помош може да изнесува до 15.000 денари за потребите на членот на семејството кое е лице со пречки во менталниот развој или лице со трајна телесна попреченост, кое согласно со Законот за социјална заштита би можело да оствари право на сместување во установа за социјална заштита, како и за потребите на лице-жртва насемејно насилство за обезбедување на итна заштита и згрижување.

Износот на еднократната парична помош може да изнесува до 12.000 денари за задоволување на потребите на лице или семејство кое се нашло во положба на социјален ризик во случај на подолго лекување во здравствена установа.

Износот на еднократната парична помош може да изнесува до 4.500 денари за задоволување на потребите на лице  или семејство кое се нашло во положба на социјален ризик  кој не остава трајни последици, а е неопходно социјално и материјално обезбедување на лицето.

Износот на еднократната парична помош изнесува 180.000 денари за дете или младинец без родители и без родителска грижа, кој  по  наполнување на 18- годишна возраст ја напушта установата или згрижувачкото семејство, заради негово адаптирање во социјалната средина.

Висината на правото на еднократна парична помош  се  усогласува со порастот на трошоците на живот за претходната година, објавени од Државниот завод за статистика, во јануари за тековната година.

Еднократната парична помош се остварува во центарот за социјална работа, а во итни и неодложни случаи министерот може да донесе решение за доделување еднократната парична помош.

Против решението на министерот на овој член може да се изјави жалба до Комисијата на Владата за решавање на управни работи во втор степен од областа на трудот, социјалната политика и здравството.