Паричен надоместок за помош и нега

Право на паричен надоместок за помош и нега од друго лице има лице над 26-годишна возраст, со умерени, тешки и длабоки пречки во менталниот развој,  лице со потешка и најтешка телесна попреченост, потполно слепо лице, како и лице со трајни промени во здравствената состојба, на кое му е неопходна помош и нега од друго лице заради тоа што не може само да ги задоволува основните животни потреби, доколку ова право не може да го оствари врз основа на други прописи.

Висината на паричниот надоместок за помош и нега од друго лице се утврдува во зависност од обемот на потребата за помош и нега од друго лице.

Право на паричен надоместок за помош и нега од друго лице може да оствари лице чиј годишен нето приход по сите основи изнесува најмногу до вкупниот годишен износ на просечни нето месечни плати исплатени за секој месец за претходната година. Центарот врши задолжителен увид во домот на подносителот на барањето заради утврдување на фактичката состојба и изготвува записник за основаноста на барањето за остварување на правото на паричен надоместок за помош и нега од друго лице, кој има влијание врз остварување на правото.

Потреба од помош и нега од друго лице во поголем обем има лице со тешки и длабоки пречки во менталниот развој, лице со потешка и најтешка телесна попреченост, потполно слепо лице, како и лице со  трајни промени во здравствената состојба, поради што не може само да ги задоволува основните животни потреби, не може ниту со помош на ортопедски помагала самостојно да се движи во станот или надвор од станот, самостојно да се храни, облекува, да ја одржува личната хигиена, ниту да ги обавува основните физиолошки потреби.

Потреба од помош и нега од друго лице во помал обем има лице со умерени пречки во менталниот развој и лице  кое поради трајни промени во здравствената состојба не може без помош од друго лице во потполност  да ги задоволува основните животни потреби.

Потреба од помош и нега од друго лице има и лице кое поради привремени промени во здравствената состојба без помош на ортопедски помагала не може да ги задоволи основните животни потреби.При утврдување на обемот на потребата за помош и нега од друго лице се зема предвид и Бартеловиот индекс, кој е составен дел на мислењето издадено од матичниот лекар на подносителот на барањето.

Висината на  паричниот надоместок за помош и нега од друго лице во поголем обем изнесува 4.348 денари,усогласена со порастот на трошоците на живот за претходната година, објавени од Државниот завод за статистика, во јануари за тековната година.

Висината на  паричниот надоместок за помош и нега од друго лице во помал обем изнесува 3.846 денари,усогласена со порастот на трошоците на живот за претходната година, објавени од Државниот завод за статистика, во јануари за тековната година.

Правото на паричниот надоместок за помош и нега од друго лице мирува за време додека лицето е згрижено подолго од 30 дена во здравствена или друга установа, со решение на центарот.

За потребата за помош и нега од друго лице се доставува конзилијарно мислење и наод од најмалку тројца лекари специјалисти од соодветни специјалности, издадено од клиничките болници, Градска општа болница "8ми Септември"-Скопје, ЈЗУ Универзитетска клиника по хируршки болести "Св. Наум Охридски"– Скопје и Унверзитетски клиники.

Потребата за помош и нега од друго лице со наод, оцена и мислење, ја  утврдува стручна комисија која може да биде при јавна установа која во рамките на својата дејност третира проблеми од областа на психофизичкиот развој на лица со одреден вид на попреченост или во друго правно лице.

Право на паричен надоместок за помош и нега од друго лице, по исклучок, има лице над 26 години возраст со тешки и длабоки пречки во менталниот развој, лице со потешка и најтешка телесна попреченост, како и потполно слепо лице чиј вид и степен на попреченост е утврдена со наод, оценка и мислење на стручен орган.

Центарот за социјална работа е должен  да го извести корисникот за потребата од повторен преглед два месеца пред истекот на рокот определен за повторна оцена за утврдување на потребата од помош и нега од друго лице.