Дневни центри за деца со посебни потреби

Во Република Македонија, во центрите за социјална работа се регистрирани 2678 деца со умерени и тешки пречки во менталниот развој, коишто живеат со своите биолошки родители или се сместени во згрижувачки семејства.


Во последниве години, во Република Македонија тече процесот на деинституционализација, којшто од една страна подразбира излегување на децата од установите за социјална заштита, а од друга страна развој на вонинституционалните форми на заштита, како што е помош на семејствата коишто имаат деца со пречки во развојот истите да останат во локалната заедница каде што живеат. Министерството за труд и социјална политика во своите политики и стратегии го спроведува процесот на трансформација на социјалните услуги преку нивна децентрализација, деинституционализација, приватизација и спроведување на проекти во соработка со граѓанскиот сектор.


Во рамките на овие процеси, како модел за грижа и помош на децата со пречки во менталниот развој и нивните семејства, формирана е мрежа на дневни центри.

Основањето на дневните центри за деца со умерени и тешки пречки во менталниот развој, се врши согласно со одредбите од Законот за социјална заштита и истите функционираат како организациони единици на меѓуопштинските центри за социјална работа и целосно се финансирани од страна на Министерството за труд и социјална политика.

Основната дејност на овој тип на дневни центри е да даваат услуги на дневно згрижување и престој, нега, исхрана, психосоцијална рехабилитација и реедукација, советодавна работа и услуги на организирано поминување на  времето. Дневните центри ги посетуваат деца со умерени и тешки пречки во менталниот развој, кои се на возраст од 5 до 18 години и коишто живеат во своите биолошки семејства или се сместени во згрижувачки семејства. 

Дневните центри се димензионирани да згрижат од 20 до 25 деца со умерени и тешки пречки во менталниот развој, а со овој капацитет се цели да се обезбеди квалитетна грижа, можност за индивидуален  пристап и третман, групна работа, креирање на пријателски односи помеѓу децата и создавање на атмосфера слична на семејната, под непосреден стручен надзор од страна на дефектолози, логопеди, психолози, педагози, социјални работници и физиотерапевти. 

Во Република Македонија се отворени и функционираат 25 дневни центри за деца со умерени и тешки пречки во менталниот развој, коишто се  лоцирани во урбани средини што овозможува лесна соработка со сите други институции на локално ниво (детски градинки, училишта, здравствени установи и др.) и интеграција на корисниците во локалната заедница. 

Министерството за труд и социјална политика отвори дневни центри во: Крива Паланка, Берово, Битола, Гевгелија, Гостивар, Делчево, Македонски Брод, Кавадарци, Свети Николе, Кичево, Куманово, Прилеп, Пробиштип, Скопје (лоциран во населбата Железара), Тетово, Велес, Штип, Виница, Ресен, Крушево, Дебар, Кратово, Струмица, Дневен центар за деца заболени од церебрална парализа во Скопје (лоциран во населбата Капиштец) и Дневен центар за деца со аутизам во Скопје. Во дневните центри се опфатени над 400 корисници.  

Сите дневни центри работат пет дена во неделата по 8 часа дневно, почетокот и завршетокот на работното време  во секој дневен центар е прилагоден на потребите на корисниците и нивните родители. Корисниците услугите на дневните центри ги користат преку организирано доаѓање  и враќање. 

Една од приоритетните насоки на Министерството за труд и социјална политика е проширување на мрежата на дневни центри во оние општини каде што се уште не постојат вакви форми на вонинституционално згрижување на децата со посебни потреби. Во таа насока, министерството планира  отворање на дневни центри во Валандово и Липково, како и отворање на Дневен центар за деца со аутизам во Штип. 

Во тек се активности за подготовка за отворање на Дневен центар за деца со оштетен вид на помала возраст, кои што не се опфатени со ниту една форма на едукација и рехабилитација и просторно ќе биде сместен во рамките на Државното училиште за деца со оштетен вид “Димитар Влахов” во Скопје.  

Во тек е подготовка за отворање на Дневен центар за лица со интелектуална попреченост над 18 години како заедничка иницијатива на Министерството за труд и социјална политика со Републичкиот центар за поддршка на лица со интелектуална попреченост “ПОРАКА” Скопје и Градот Скопје.

Министерството за труд и социјална политика кофинансира и 6 дневни центри за младинци и возрасни лица со ментална попреченост, коишто се управувани од страна на Републичкиот и Регионалниот центар за поддршка на лица со интелектуална попреченост "ПОРАКА" од Скопје и Неготино.