Згрижувачки семејства


Сместување во друго семејство е една од формите на вонинституционална заштита на деца и возрасни лица, која се реализира во рамките на системот на социјалната заштита. Оваа форма на заштита ја применуваат центрите за социјална работа низ целата Република.     

Право на сместување во згрижувачко семејство, има лице кое нема услови за живеење во своето семејство или од други причини му е потребно сместување во згрижувачко семејство.     

Правото на сместување во згрижувачко семејство се обезбедува на:    

  • дете без родители и дете без родителска грижа до оспособувањето за самостоен живот и работа, а најдоцна до завршување на средно образование односно шест месеци по завршување на средното образование, ако не постојат можности згрижувањето и воспитанието да се обезбеди на друг начин, 
  • дете со воспитно-социјални проблеми (злоставувано, занемарено и социјално необезбедено дете) и дете жртва на семејно насилство, 
  • малолетен сторител на кривично дело или прекршок,
  • лице со умерени и тешки пречки во менталниот развој, лице со длабоки пречки во менталниот развој и лице со трајна телесна попреченост на кое му е потребно трајно згрижување и нега и
  • старо лице, возрасно лице со телесна попреченост и лице со пречки во менталниот развој кое не е во состојба само да се грижи, а поради станбената и семејната положба нема можност да му се обезбеди заштита на друг начин. 


Сместувањето деца во друго семејство се користи како инструмент и ресурс во политиката и процесот на деинституционализацијата и развој на вонинституционални форми во локалната заедница. 

Во улога на згрижувачки семејства можат да се јават сите семејства кои исполнуваат со Закон определени услови. Лицата, односно семејствата кои сакаат да згрижат дете можат да се обратат во центарот за социјална работа кој делува на подрачјето на нивното постојано место на живеење.  
 
При изборот на семејство за вршење згрижувачка функција, Центарот се раководи од повеќе критериуми во однос на згрижувачите:нивната возраст, образовен статус, брачен и семеен статус. Етичките прашања и мотивите за чување и одгледување на дете се важни прашања кои ги поставуваат на згрижувачките семејства. Центарот понатака, ги разгледува прашањата врзани за материјалнате, и станбените услови во кои живее семејството.

Згрижувачкото семејство, има право на надоместок на трошоците за сместување на лицето и надоместок за згрижување.

Надоместокот за  сместување во згрижувачко семејство на  дете без родители и родителска грижа  изнесува 8.550,00 денари.

Надоместокот за  за сместување во згрижувачко семејство  за дете  со воспитно-социјални проблеми  9.870,  денари.      

Надоместокот за  сместување во згрижувачко семејство на  дете со нарушено општествено поведение, лице со умерени и тешки пречки во менталниот развој и лице упатено на оспособување за работно-производна активност, лице со најтешки пречки во менталниот развој, лице со трајна телесна попреченост, старо лице, возрасно лице со телесна попреченост, како и возрасно лице со пречки во менталниот развој, изнесува 11.193,00 денари. 

Сместување лице во згрижувачко семејство, се врши врз основа на склучен договор меѓу центарот и подносителот на барањето. 

Во Република Македонија оваа форма на заштита се применува традиционално повеќе од  30 години. Во последните неколку години  развиена е мрежа на згрижувачки семејства во повеќе општини и тоа во: Прилеп, Македонски Брод  со село Манастирец, Крива Паланка, Кочани и Крушево.