Вонинституционална заштита

Вонинституционалната заштита што се остварува во или преку центарот за социјална работа опфаќа право на: 

  • прва социјална услуга на корисници на социјална заштита

Правото на прва социјална услуга на корисниците на социјална заштита, опфаќа воочување на проблемот кој произлегува од состојба на социјален ризик, укажување на корисникот на можните решенија, услуги и средства за негова заштита, како и за мрежата на установи надлежни за давање на услуги.

  • помош на поединец

Правото на помош на поединецот, подразбира примена на форми на стручна, советодавна или советувалишна работа, со која му се овозможува стекнување на потребни информации, оспособување за самостојно одлучување, зачувување и развој на социјалните потенцијали.

  • помош на семејство 

Правото на помош на семејството опфаќа стручна помош на членовите на семејството да ја надминат семејната криза во брачните односи, а особено во односите родители-деца, како и оспособување на тоа семејство да ги остварува своите функции во секојдневниот живот. 

  • домашна нега и помош на поединец и на семејството

Правото на домашна нега и помош се обезбедува на старо, изнемоштено и лице со телесна попреченост и лице со умерена, тешка и длабока ментална попреченост, кое не е во состојба да се грижи за себе и поради тоа му е потребна нега и помош во задоволувањето на егзистенцијалните потреби.Домашната нега и помош на лицето се обезбедува и кога тоа живее во семејство.

  • дневно и привремено прифаќање и згрижување како помош на поединец и семејство 

Правото на дневно згрижување во дневен центар се обезбедува на: старо, изнемоштено лице и друго возрасно лице, лице со умерена и тешка попреченост во менталниот развој и на лице со телесна попреченост кое не може само да се грижи за себе, дете со телесна попреченост, дете на улица, лице кое употребува, односно злоупотребува дроги и други психотропни супстанции и прекурзори и на членовите на неговото семејство и лице кое злоупотребува алкохол или се лекува од зависнот од алкохол и на членовите на неговото семејство. Правото на згрижување во центар за дневно и привремено прифаќање и згрижување се обезбедува на: бездомник, лице кое употребува, односно злоупотребува дроги и други психотропни супстанции и прекурзори, жртва на семејно насилство и жртва на трговија со луѓе.  Помошта во дневно згрижување за лицата, односно дневно и привремено прифаќање и згрижување за лицата, се обезбедува и тогаш кога тие живеат во семејство.

  • сместување во згрижувачко семејство

Право на сместување во згрижувачко семејство има лице кое нема услови за живеење во своето семејство или од други причини му е потребно сместување во згрижувачко семејство.

Правото на сместување во згрижувачко семејство се обезбедува на: дете без родители и дете без родителска грижа до оспособувањето за самостоен живот и работа, а најдоцна до завршување на средно образование односно шест месеци по завршување на средното образование, ако не постојат можности згрижувањето и воспитанието да се обезбеди на друг начин, дете со воспитно-социјални проблеми (злоставувано, занемарено и социјално необезбедено дете) и дете жртва на семејно насилство, малолетен сторител на кривично дело или прекршок,лице со умерени и тешки пречки во менталниот развој, лице со длабоки пречки во менталниот развој и лице со трајна телесна попреченост на кое му е потребно  трајно згрижување и нега и старо лице, возрасно лице со телесна попреченост и лице со пречки во менталниот развој кое не е во состојба само да се грижи, а поради станбената и семејната положба нема можност да му се обезбеди заштита на друг начин. 

  • сместување во мал групен дом 

Право на живеење во мал групен дом има дете без родители или без родителска грижа,со воспитно-социјални проблеми, со пречки во менталниот или телесниот развој, лице со ментална или телесна попреченост, кое нема соодветни услови за живеење во своето семејство, кое нема семејство или од други причини му е потребно сместувањето во мал групен дом.

  • организирано живеење со поддршка

Право на организирано живеење со поддршка има лице со ментална или телесна попреченост, деца без родители и родителска грижа и деца со воспитно-социјални проблеми, самостојно и организирано живеење во посебна станбена единица со постојана или повремена помош од стручни или други лица во остварување на основните животни потреби, социјални, работни, културни, рекреативни и други потреби. Нивото на поддршката се определува во согласност со потребите, видот и степенот на попреченоста на корисникот.