БЕЗБЕДНОСТ И ЗДРАВЈЕ ПРИ РАБОТА (БЗР)
Безбедноста и здравјето при работа (БЗР) претставува едно од основните права на работниците, што е утврдено како такво во рамки на конвенциите на Меѓународната организација на трудот, во законодавството на Европската унија, Европската социјална повелба на Советот на Европа, а истото е загарантирано како право и со Уставот на Република Северна Македонија. Областа на безбедност и здравје при работа, како исклучително комплексна и пред сè мулти-секторска и мулти-дисциплинарна област, е регулирана со поголем број на законски и подзаконски акти, а за нејзината примена и имплементација неопходна е интензивна координација, комуникација и соработка помеѓу различни државни институции и органи, социјалните партнери и останати релевантни субјекти.
Безбедноста и здравјето при работа во Република Северна Македонија е регулирана со повеќе законски акти, кои опфаќаат различни аспекти од оваа област , меѓу кои:
-
Закон за безбедност и здравје при работа;
-
Закон за работните односи;- Закон за здравствена заштита;
-
Закон за пензиско и инвалидско осигурување;
-
Закон за здравствено осигурување;
-
Закон за инспекција на труд;- Закон за техничката инспекција;
-
Закон за евиденциите во областа на трудот;
-
Закон за евиденции од областа на здравството;
-
Закон за заштита од вознемирување на работно место.
Донесени се и голем број на подзаконски акти (правилници) кои дополнително уредуваат и регулираат различни делови и аспекти од областа на БЗР.
Соодветно на тоа и повеќе институции и тела имаат свои надлежности во однос на различни делови и аспекти на безбедноста и здравјето при работа, како што се:
-
Министерство за труд и социјална политика;
-
Министерство за здравство;
-
Министерство за економија,
-
Министерство за транспорт и врски;
-
Државен инспекторат за труд,
-
Државен инспекторат за техничка инспекција,
-
Институт за медицина на трудот,
-
Институт за јавно здравје,
-
Фонд за здравствено осигурување;
-
Фонд за пензиско и инвалидско осигурување;
-
Совет за безбедност и здравје при работа и други.
Покрај постоењето на соодветна законска рамка која ја регулира областа и функционирањето на надлежните институции, тела и органи, за воспоставување и функционирање на ефективни системи и механизми за безбедност и здравје при работа, од исклучително значење е „социјалното партнерство“ и активната и континуирана вклученост, координација, соработка и меѓусебна информираност на работодавачите и работниците, на различни нивоа на организираност, во сите прашања, политики и интервенции кои задираат во безбедноста и здравјето на работните места. Во овој дел голем придонес со својата работа во Република Северна Македонија даваат и стручната јавност и граѓанскиот сектор, претставен преку здруженијата на професионалци од областа на безбедноста при работа и медицина на трудот.