Лицата со попреченост не треба да вадат дозвола за движење, со себе да носат наод
На актуелни прашања за социјалните мерки што ги донесе Владата на Република Северна Македонија, во рамки на серијата информативни видеосесии „КОВИД-19, прашања и одговори“, вчера одговараа заменик министерот за труд и социјална политика, Ѓонул Бајрактар и дополнителната заменик министерка, Санела Шкријељ.
„Викендов важи 61-часовна забрана за движење, но лицата со попреченост можат во сабота и недела од 11:00 до 13:00 часот да бидат надвор, со придружник а во работните денови од 19:00 до 20:00 часот. Владата одговори на барањата на лицата со попреченост затоа што за нив движењето е терапевтска активност“, рече Шкријељ, објаснувајќи дека тие не треба да вадат дозвола за движење, туку со себе треба да имаат наод или решение кое ја докажува попреченоста.
Заменик министерот Бајрактар разјасни што наложува Уредбата за примена на Законот за работните односи за време на вонредна состојба, во делот на одморите.
„Работниците вработени во приватниот сектор опфатени од времените мерки за заштита од ширење и превенција од коронавирус КОВИД-19, неискористениот дел од годишниот одмор, односно неискористениот годишен одмор од календарската 2019 година, треба да го искористат до 31 мај 2020 година, согласно потребите на работниот процес и одобрение на работодавачот. Што се однесува на годишниот одмор за 2020 година кој мора да се искористи во траење од две непрекинати работни недели, работниците вработени во приватниот сектор опфатени од времените мерки за заштита од ширење и превенција од коронавирус КОВИД-19, треба да го искористат до 30 јуни 2020 година“, рече Бајрактар, потсетувајќи дека годишниот одмор е календарска категорија и треба да се користи, по правило, во годината за којашто се однесува. Секој работник кој е во работен однос најмалку шест месеци во претходната година, со право на годишен одмор не се стекнува на 1 јули, туку на 1 јануари.
Бајрактар посочи дека одредбите за користење на одморот се однесуваат за вработените опфатени од времените мерки за заштита од ширење и превенција од коронавирус КОВИД-19, и не важат за работниците кои всушност би работеле и од дома, односно од далечина. Затоа и Уредбата вели "...согласно потребите на работниот процес и одобрение на работодавачот". Уредбата има за цел да биде во корист на одржување на работата и работните процеси, секако таму каде што е можно, а онаму каде што не е, состојбата да не предизвика дополнителни трошоци за работодавачите.
За работниците во јавниот сектор донесена е посебна уредба согласно која оние работници кои се работно ангажирани за времетраење на времените мерки, неискористениот дел од годишниот одмор од календарската 2019 година може да го искористат до 31 мај 2020 година, согласно потребите на работниот процес и врз основа на одобрение на раководното лице на институцијата. Заменик министерот Бајрактар објасни дека на оние вработени во јавниот сектор кои се ослободени од работа, неискористениот дел од годишниот одмор од календарската 2019 година ќе им се смета за искористен. Исклучок се работниците во Министерството за внатрешни работи, Министерството за здравство, Министерството за одбрана и Армијата, јавните здравствени установи, царинските службеници, единиците за противпожарна територијална заштита, во инспекциските служби, како и лицата што работат во старечките домови, и за нив важи дека неискористениот дел од годишниот одмор од календарската 2019 година и делот од годишниот одмор за 2020 година, кој мора да се искористи во траење од две непрекинати работни недели, да го искористат до 31 декември 2020 година.
Дополнителната заменик министерка Шкријељ укажа дека сите мерки кои ги имплементира Министерството за труд и социјална политика, и пред состојбата со коронавирусот и посебно сега, се насочени кон ранливите групи.
„Ние го прилагодуваме целиот систем на социјална заштита да овозможи брз влез на сите домаќинства кои останале без приходи. Корисниците на гарантирана минимална помош, околу 30.000 лица, ќе добијат и дополнителна исплата на енергетски додаток од 1.000 денари во април и мај, инаку законски тоа право се исплаќа од октомври до март. Во услови кога сите потенцираме колку е битна хигиената, за семејствата што живеат во супстандардни услови, од почетокот на времените мерки, министерството испорача над 600 пакети со хигиенски продукти. Со УНИЦЕФ обезбедуваме и втора тура хигиенски пакети за помош. Постојано работиме со нашите партнери, со Црвен крст и преку Центрите за социјална работа за да им помогнеме на најранливите семејства. Заедно со УНДП воспоставивме сервис кој е насочен кон лицата со попреченост и старите лица, да им помогне во секојдневното функционирање, во 27 општини“, рече Шкријељ.
Благодарејќи на меморандумот потпишан помеѓу Министерството за образование и наука, Министерството за информатичко општество и администрација и Македонски Телеком 30.000 деца од семејства со социјален ризик, ќе можат да користат бесплатен интернет за следење на онлајн настава. Дистрибуцијата на картичките ќе се организира преку центрите за социјална работа.
Шкријељ одговарајќи на прашањето што да прават секундарните родители кои не живеат со децата, затоа што мајките не им дозволуваат да ги гледаат децата а како причина ја наведуваат заштита на детето од вирусот, потсети дека во Законот за семејство не постои поделба на родителите на секундарен и примарен родител, бидејќи двајцата родители се должни совесно и одговорно да ги извршуваат родителските права и обврски и да се грижат за заштита на здравјето на децата.
Најважно, според Шкријељ, во услови на пандемија на коронавирусот, е родителите да го прилагодат движењето на децата согласно препораките на Владата за постапување во услови на вонредна состојба и воведениот полициски час.
„Она што го препорачуваме е родителите да се договорат за начинот на одржување на контактите на децата со родителот со кого не живеат, а притоа децата да не бидат изложени на опасностите кои со себе ги носи оваа пандемија“, рече Шкријељ, дообјаснувајќи дека центрите за социјална работа како надлежни органи им се на располагање на родителите за обезбедување на неопходната стручна и советодавна поддршка при договарање на начинот на одржување на односите меѓу родителите и децата.