Услови под кои се остваруваат правата од пензиското и инвалидското осигурување
Осигуреникот кај кого ќе настане општа неспособност за работа, како и осигуреникот со преостаната работна способност кој поради навршување на одредени години на живот не може со професионална рехабилитација да се оспособи за вршење на друга соодветна работа стекнува право на инвалидска пензија ако ги исполнува следните услови:
1) инвалидноста е причинета со повреда на работа или професионална болест -без оглед на должината на пензискиот стаж или
2) инвалидноста е причинета со повреда надвор од работа или со болест под услов пред настанувањето на инвалидноста, односно на денот на престанокот на осигурувањето по настанатата инвалидност да е постар од 45 години живот и да има навршени најмалку 12 години пензиски стаж или
3) инвалидноста е причинета со повреда надвор од работа или со болест доколку осигуреникот има навршено над 30 до 37 години живот, треба да има пензиски стаж кој му покрива 30% од работниот век, сметајќи го работниот век на полни години, а осигуреникот има навршено над 37 до 45 години живот, треба да има пензиски стаж кој му покрива 40% од работниот век, сметајќи го работниот век на полни години
Осигуреник кај кого инвалидноста настанала пред навршување на 30 години живот како последица на повреда надвор од работата или болест се здобива со право на ивалидска пензија ако на денот на настанувањето на инвалидноста имал својство на осигуреник и ако:
1) инвалидноста настанала до навршување 20 години живот, ако имал најмалку шест месеци стаж на осигурување;
2) инвалидноста настанала до навршување 25 години живот, ако имал најмалку девет месеци стаж на осигурување;
3) инвалидноста настанала до навршување 30 години живот, ако имал најмалку 12 месеци стаж на осигурување.
Осигуреникот - воен инвалид од I до VI група, како и друг инвалид кој е изедначен со мирновременски воен инвалид од V до VI група кај кого во смисла на член 38 на Законот за пензиското и инвалидското осигурување се оценува инвалидност не може да работи повеќе од половина од полното работно време се здобива со право на инвалидска пензија ако ги исполнува условите од став (1) на овој член без оглед на тоа дали со или без преквалификација или доквалификација може да се оспособи за друга соодветна работа.
Како работен век за осигуреникот кој со редовно школување се стекнал со средна, виша односно висока стручна подготовка се смета времето од навршување на 20, 23 односно 26 години живот до денот на настанувањето на инвалидноста.
На осигуреникот кој по навршување на 20 години живот бил на отслужување на воениот рок работниот век му се намалува за времето колку што траел отслужениот воен рок.
Право на семејна пензија
Членовите на семејството стекнуваат право на семејна пензија по исполнување на општите и посебни услови.
Општи услови за стекнување право на семејна пензија:
- ако осигуреникот од кого се изведува правото на семејна пензија до денот на смртта наполнил најмалку 5 години стаж на осигурување или најмалку 10 години пензиски стаж, или
- ако осигуреникот ги исполнува условите за стекнување право на старосна или инвалидска пензија, или бил корисник на старосна или инвалидска пензија.
- Ако смртта на осигуреникот настанала како последица од повреда на работа или од професионална болест, членовите на семејството стекнуваат право на семејна пензија, без оглед на должината на пензискиот стаж на осигурениикот.
Членови на семејството кои имаат право на семејна пензија
- брачен другар
- децата (родени во брак и надвор од брак, посвоени, посиноци кои ги издржувал починатиот осигуреник или корисник на пензија,внучињата и други деца без родители кои ги издржувал осигуреникот
- родители (татко, мајка. очувот и маќеата) и посвоителот кои ги издржувал осигуреникот.
Семејна пензија може да оствари и брачен другар од разведен брак, ако судска одлука му е утврдено правото на издржување.
Посебни услови за остварување право на семејна пензија:
Вдовец/вдовица стекнува право на семејна пензија ако:
1) до смртта на осигуреникот, по кој основ тоа право им припаѓа лицето наполнило 50 години живот;
2) до смртта на брачниот другар било неспособно за работа или таква неспособност настанала во рок од една година од денот на смртта на брачниот другар;
3) по смртта на брачниот другар останале едно или повеќе деца кои имаат право на семејна пензија по тој брачен другар, а вдовецот/вдовицата ги врши родителските должности спрема тие деца или
4) до смртта на брачниот другар имало наполнети 45 години, кога ќе наполни 50 години живот – или ако во тие години станало неспособно за работа.
Вдовецот/вдовицата кој во текот на користењето на правото по основа на вршење на родителска должност од став (1) точка 3 на овој член стане неспособно за работа или наполнило 50 години живот трајно го задржува правото на семејна пензија.
Вдовецот/вдовицата кој го загубил/а правото на семејна пензија по основ на вршење на родителска должност по наполнети 45 години живот, стекнува право на семејна пензија кога ќе наполни 50 години живот.
Право на семејна пензија стекнува и вдовица кога детето на осигуреникот, односно корисникот на пензија е родено по смртта на осигуреникот, односно корисникот на пензија со тоа што семејната пензија и припаѓа од денот на смртта на осигуреникот, односно корисникот на пензија .
Право на семејна пензија стекнува и вдовицата кај која постоела бременост на денот на смртта на осигуреникот, односно корисникот на пензија со тоа што семејната пензија до раѓањето на детето се определува за еден член на семејството.
Ако детето е мртвородено или ако умре пред навршувањето на 45 дена живот, на вдовицата и припаѓа семејна пензија до истекот на 45 дена по породувањето.
Дете стекнува право на семејна пензија:
- до наполнети 15 години живот, а ако е на школување до наполнети 26 години живот,
- ако пред смртта на осигуреникот, односно корисникот на пензија кој го издржувал било неспособно за работа или таквата несопсобност настанала во рок од 1 година од денот на смртта на осигуреникот, односно корисникот на пензија и
- дете со статус на лице со инвалидност утврден според прописите за социјална заштита и прописите за вработување на лица со инвалидност, без оглед дали било издржувано лице од осигуреникот или корисникот на пензија.
Ако школувањето на детето е прекинато поради болест, правото на семејна пензија може да се стекне, односно му припаѓа и за време на боледувањето до наполнети 26 години живот, како и над тие години, но најмногу за толку време колку што е изгубено од редовното школување поради болест.
На детето кое го прекинало школувањето заради отслужување на воениот рок, семејната пензија му се исплатува и за тоа време.
Ако во текот на користењето на правото на семејна пензија детето стане неспособно за работа, трајно го задржува правото на семејна пензија.
Детето - инвалид има право на семејна пензија по престанок на работниот однос.
Како неспособност за работа, врз основа на која се остварува правото на семејна пензија кај децата се смета несособност за самостоен живот и работа.
Како дете на школување се смета ученикот во основно училиште, училиште за средно образование, студент на високообразовна организација или на постдипломски студии, додека имаат статус на ученици, односно студенти на соодветни образовни институции до навршување на 26 години живот.
Покрај наведените категории осигуреници, право на семејна пензија се стекнува и родителот кога осигуреникот, односно корисникот на пензија го издржувал до својата смрт се стекнува со право на семејна пензија ако:
- до смртта на осигуреникот, односно на корисникот на пензијата наполнил 45 (мајка), односно 55 години живот (татко), и
- е помлад од 45 години, односно 55 години и ако до смртта на осигуреникот, односно корисникот на пензија бил неспособен за работа.
Право на старосна пензија
Старосна пензија стекнува осигуреник кој навршил 64 години живот (маж) и 62 години живот (жена) и најмалку 15 години пензиски стаж.
|