31.03.2021

Шахпаска: Донацијата на инвалидски колички од турската Црвена полумесечина е потврда за одличната соработка, поддршка и пријателски односи со Р.Турција

Министерката за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска заедно со заменик министерот Енвер Хусејин, државниот секретар Ресми Ејупи, генералниот секретар на Црвениот крст на Северна Македонија, Саит Саити, остварија средба со генералниот директор на Црвената Полумесечина на Република Турција, Ибрахим Алтан. Повод за денешната средба беше донација на инвалидски колички, слушни апарати и средства за хигиена од страна на Црвената полумесечина за нашата држава, наменета за лицата со попреченост како најранлива категорија на граѓани.

„Република Турција и Република Северна Македонија се пријателски земји кои имаат одлична соработка на многу полиња. За нас како ресорно министерство кое се грижи за најранливите категории на граѓани особено е важна соработката со хуманитарните организации, затоа што секоја помош и поддршка е добредојдена“, рече министерката Шахпаска.

Таа ја посочи соработката со Црвениот крст на Македонија како најстара хуманитарна организација во нашата држава, особено значајна пред се во време на пандемија, но и генерално сите изминати години. Притоа особено ја потенцираше одличната соработка со турската Црвена полумесечина од која што произлезе и денешната донација од сто инвалидски колички, 25 слушни апарати и пакети со хигиенски средства.

„Турската Црвена полумесечина и Црвениот крст на Северна Македонија припаѓаат во големото црвено семејство, каде што членуваат околу 110 организации, браќа, кои несебично си помагаат“, рече генералниот директор на Црвената полумесечина, Ибрахим Алтан. Тој ја истакна одличната соработка со Црвениот крст на Северна Македонија и изрази уверување за нејзино продлабочување во иднина.

Заменик министерот Енвер Хусејин информираше дека со донацијата ќе бидат опфатени неколку општини меѓу кои, Радовиш, Струмица, Гевгелија, Робово и дел од Скопје. Тој ја истакна важноста на соработката меѓу двете хуманитарни организации, Црвениот крст и Црвената полумесечина како особено значајна, за што потврдува и оваа донација која ќе одговори на потребите на дел од граѓаните кои припаѓаат на ранливите категории.

Соговорниците на денешната средба изразија задоволство од досегашаната соработка и убедување дека таа ќе продолжи и понатаму, со цел испорака на помош и поддршка на сите на кои им е неопходна, со посебен акцент на ранливите категории на граѓани.

Со еден клик до сите услуги
Uslugi.gov.mk
Кликни тука
-->