Шахпаска:  Ги повикувам  пратениците да реагираат брзо и да го донесат Законот за спречување и заштита од насилство врз жените и семејното насилство без одлагање бидејќи тој е главна алатка на државата во справување со насилството

Министерката за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска, на денешната седница на Комисијата за еднакви можности во Собранието на Република Северна Македонија, ја презентираше потребата од донесување на Предлог законот за спречување и заштита од насилство врз жените и семејното насилство.

Таа истакна дека насилството е тема која не познава политичка и партиска припадност, ниту образовна, интелектуална или пак верска припадност, ги засега сите. Насилството како појава е присутна секаде не само во нашата земја туку и во општествата со високо развиени економии.

„Жените и девојчињата често се изложени на сериозни форми на насилство коишто претставуваат сериозно кршење на човековите права. Токму затоа главни говорници кои го подигаат гласот против насилството се жените.  Потребата од носење на Законот за спречување и заштита од насилство врз жените и семејно насилство произлезе по ратификацијата на Конвенцијата на Совет на Европа за спречување и борба против насилството врз жените и домашно насилство (Истанбулска Конвенција) и ова е едно од прашањата по кое ќе се следи и напредокот на државата во евроинтеграциските процеси,“истакна министерката Шахпаска.

Таа потенцираше дека, за да се овозможи соодветен одговор потребно е спроведување на сеопфатна политика за борба против насилството врз жените. Овој закон дава сеопфатен пристап односно интегриран мултидисциплинарен одговор во справувањето со насилство врз жената и семејното насилство, почитувајќи ги човековите права во согласност со меѓународните стандарди. 

„Одредбите на законот јасно укажуваат дека насилството врз жените и семејното насилство не може да се сметаат за приватна работа и дека државата има намера преку сеопфатни и интегрирани политики да превенира и да ги заштити жртвите на насилство. Предлог Законот ги дефинира сите облици на насилство согласно Истанбулската конвенција. Но истот така прави еден исчекор со барањето за постапување со ''должно внимание'' што ќе доведе до сериозни придобивки за жртвите со пријавување и постапување за секое сторено насилство,“посочи министерката.

Таа подвлече дека, Предлог-законот ги регулира превентивните мерки што секоја институција има обврска да ги преземе со цел елиминирање на насилството врз жените и семејното насилство, но и брзо и ефикасно постапување на институциите, посебно судот во постапување и изрекувањето на итни и на привремени мерки за заштита. Така, судот има обврска, веднаш а најдоцна во рок од 24 часа по приемот на предлогот од Министерството за внатрешни работи и полицискиот извештај, без да одржи рочиште да одлучи за изрекување на итна мерка за заштита „отстранување на сторителот од домот и забрана за приближување до домот''.

Со предлог закон е превдидено и донесување на програмата за реинтеграција на жртвите на насилство вклучува модели за привремено домување, психичко советување со менторство, различни видови на финансиска помош специфично наменети за жени жртви на насилство, можности за образование за жените и нивните деца и обуки во различни области, како и мерки за вработување утврдени со закон.

Министерката ги повика пратениците да реагираат брзо и да го донесат законот без одлагање бидејќи овој закон преставува главна алатка на државата во справување со насилството врз жените и семејното насилство.​

Со еден клик до сите услуги
Uslugi.gov.mk
Кликни тука
-->