29.06.2023
Тренчевска: Главните поддржувачи на младинските организации треба да бидат институциите на Владата
Министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска денеска беше дел од настанот во организација на Националниот младински совет на Македонија кој беше организиран по повод одбележување на 10 години од нивното постоење. Министерката на настанот се обрати на панел дискусијата „Младински решенија за младинските предизвици“.
Тренчевска на панел дискусијата зборуваше за мерките и политиките на Министерството за труд и социјална политика, а директно влијаат на квалитетот на живот на младите во државата. Таа се осврна на Гаранцијата за млади, Оперативниот план за активни мерки и програми со особен фокус на мерката за самовработување и мерката за стекнување на ИТ вештини.
Министерката во своето обраќање исто така го охрабри Националниот младински совет на Македонија да продолжи со својата работа во иста насока.
„Во оваа прилика уште еднаш би дала до значење на НМСМ, кој е претставник на младинските здруженија, кој обединува, кој работи и се стреми за поголемо вклучување на младите во општеството, ви посакувам да продолжите со вашата работа. Бидете гласни и активни и на тој начин заедно да ги решаваме предизвиците на младите“, истакна Тренчевска.
На крајот од своето обраќање министерката ги поттикна сите младински организации и посочи дека главните нивни поддржувачи треба да бидат институциите на Владата.