До крајот на септември пријавување за бања и бесплатен викенд за пензионери

Сите корисници на пензија до крајот на септември можат да аплицираат за користење услуги од проектите за бањско-климатска реакреација и бесплатен туристички викенд за 2016 година.

Во рамки на овој проектот за бањско климатска рекреација државата на пензионерите им обезбедува 6 полни пансиони (ноќевање со три оброка дневно), бањска терапија, задолжителен здравствен преглед и платени трошоци за превоз во висина на повратна автобуска карта.

Со проектот пак за бесплатен туристички викенд на пензионерите им се обезбедени два полни пансиони (2 ноќевања со три оброка дневно), односно пристигнување во петок попладне, а заминување недела попладне и автобуски превоз до хотелскиот објект.

Хотелските објекти во коишто ќе бидат упатувани   корисниците на пензија кои ги исполнуваат условите, се наоѓаат во  туристичките капацитети и одморалишта во Охрид, Струга, Дојран, Крушево, Преспа и Берово.

“Со овие два проекта планираме да опфатиме околу 8.500 пензионери до 2016 година, односно 3.000 пензионери да искористат можност за бесплатен туристички викенд во туристичките центри во Република Македонија и околу 5.500 пензионери да бидат дел од проектот бесплатна бањско-климатска рекреација”, изјави министерот за труд и социјална политика во рамки на посетата на Катлановска бања, една од неколкуте каде се реализираат услугите од овој проект.

Спасов додаде дека за овој проект и за проектот бесплатен туристички викенд се веќе распишани јавните повици за корисниците за 2016 година.

“Сите пензионери кои досега не ги користеле услугите од овие два проекти ги повикувам да аплицираат. Јавниот повик трае до 30 септември и сите корисници на пензија имаат можност да алицираат во филијалите на Фондот на пензиско и инвалидско осигурувња”, потенцира министерот за труд и социјална политика.

Овој проект, додаде им помага и на самите бањски објекти. Овде во Катлановска бања, рече Спасов, МТСП годишно плаќа за аранжмани за околу 1.200 пензионери по шест полни пансиони, односно околу 7.400 полни пансиони годишно.

“Тоа се значајни финансиски средства кои влијаат на унапредување на условите за згрижување и нега во бањските капацитети. Овие проекти ќе продолжат и во иднина со цел да влијаеме на подобрување на здравјето на највозрасните лица во нашата земја”, рече министерот Спасов.

Директорка на Катлановска бања, Светлана Петровска  истакна дека проектот е добро прифатен од страна на пензионерите и оти средствата што ги добиваат придонесуваат за развој на бањата.

Градоначалникот на општина Петровец Борче Митевски појасни дека со менаџментот на Катлановска бања и Скопскиот плански регион е изготвена студија во која заштитното подрачје е намалено, со цел, како што рече, оваа бања да може да доградува, да ги реновира и санира објектите.

Министерот Спасов денеска оствари средба и со граѓаните на Катланово и разговараше за проблемите со кои се соочуваат, а се во негова надлежност и во надлежност на општина Петровец. Граѓаните меѓу другото се интересираа и за условите што треба да ги исполнат за да аплицираат за овие два проекти.

Со еден клик до сите услуги
Uslugi.gov.mk
Кликни тука
-->