Во детските градинки се обезбедува згрижување и воспитание на децата од предучилишна возраст. Јавната детска градинка може да обезбедува престој и исхрана и за деца над шест годишна возраст, односно од поаѓање во основно училиште до десет години возраст.
За децата кои не се опфатени со згрижување и воспитание во детската градинка може да се организираат и други скратени вонинституционални форми за згрижување и воспитание согласно со Законот за заштита на децата.
Јавна детска градинка запишува и прима деца во свои програми врз основа на пријави преку целата година. Родителите се должни при приемот на детето во градинката да приложат потврда од матичниот лекар за здравствената состојба на детето, односно наод и мислење од Службата за функционална проценка, согласно Законот за социјалната заштита, за дете со попреченост.
Детската градинка заради зачувување и унапредување на здравјето на децата ја следи здравствената состојба на децата и спроведува превентивни мерки за заштита на здравјето на децата.
Детската градинка има обврска во случај на појава на нарушување на нормалната здравствена состојба да го извести родителот на детето, а во случај на поголем број на заболени деца, веднаш да ги извести соодветната здравствена установа и Министерството за труд и социјална политика.
Во детската градинка активностите се изведуваат на македонски јазик и кирилско писмо. За децата на припадниците на другите заедници воспитно-образовните активности во детските градинки се изведуваат на јазикот на соодветната заедница за група деца.
Згрижувањето и воспитанието на деца од предучилишна возраст се остварува во 77 Јавни установи за деца -детски градинки во 325 објекти. Вкупно проектиран капацитет за опфат на 32 556 деца, опфатени 34 043 деца или 31% од вкупниот број на деца до 6 годишна возраст на ниво на држава.