Социјалниот дијалог е во интерес на сите чинители, работниците, работодавачите и Владата, продолжува соработката меѓу МОТ и МТСП

Министерката за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска оствари средба со националниот координатор на Меѓународната организација на трудот Емил Крстановски, која е единствена и специјализирана трипартитна агенција на Обединетите Нации основана во 1919 година. Оваа организација во рамките на својата структура и функционирање ги вклучува владите, работодавачите и работниците од 187 држави-членки, меѓу кои и Република Северна Македонија.  

На средбата, министерката Шахпаска ги претстави приоритетите на Владата на Република Северна Македонија, согласно Програмата за работа на Владата кои се поврзани со заштитата и остварувањето на работничките права. Притоа, ја нагласи потребата од понатамошна експертска и техничка подршка и помош на Меѓународната организација на трудот, особено при финализирање на новиот Закон за работните односи, како и останати стратешки документи за политики и прашања за пазарот на трудот и социјалниот дијалог.     

Националниот координатор, Емил Крстановски се осврна на досегашната соработка и поддршка од Министерството за труд и социјална политика и ја нагласи важноста на членувањето во оваа организација за воспоставување на современи стандарди на трудот, кои се и треба да бидат дел од националното законодавство. На средбата беше истакнато значењето на Економско - социјалниот совет, како значајно трипартитно советодавно тело на национално ниво, но и понатамошен развој на локалните економско - социјални совети и поддршка во ратификување на конвенциите усвоени од Меѓународната конференција на трудот за кој процес министерката изрази подготвеност да продолжи и во иднина. 

Во таа насока националниот координатор информира и за досегашните активности на имплементација на проектите за унапредување и развој на социјалниот дијалог, како што е проектот „Зајакнување на социјалниот дијалог“, финансиран од ЕУ (IPA II)  кој е во тек на имплементација. Беше потенцирано и важноста на имплементација на Националната програма за достоинствена работа 2019-2022, која е потпишана од страна на Владата на Република Северна Македонија и социјалните партнери. 

На крајот на средбата министерката за труд и социјална политика и националниот координатор на МОТ, изразија подготвеност за понатамошна плодна соработка во интерес на работниците, а со тоа и на општеството во целина.