Инклузија на деца Роми во јавни предучилишни установи (детски градинки)

Проектот "Инклузија на деца Роми во јавни предучилишни установи (детски градинки)", Министерството за труд и социјална политика го реализира  во соработка со Ромскиот едукативен фонд од Будимпешта, 18 единици на локална самоуправа, како и 17 Ромски НВО партнери со цел исполнување на дел од мерките и активностите кои произлегуваат од Декадата и Стратегијата за Ромите во Република Македонија. Проектот се спроведува во општините: Чаир, Гази Баба, Карпош, Битола, Куманово, Гостивар, Тетово, Велес, Прилеп, Виница, Кочани, Делчево, Берово, Кичево, Штип, Пехчево, Шуто Оризари и Центар.

Главната цел на проектот е подобрување и поддршка на интеграцијата на децата Роми преку зголемување на бројот на деца Роми во предучилишните установи, една година пред поаѓање во основно образование, а во последните три години зголемувањето на бројот на деца Роми во предучилишните установи, се однесува за деца од една до две години пред поаѓање во основно образование.

Исто така, се настојува да се подобри пристапот, ставот на родителите на опфатените Ромски деца преку јакнење и поддршка на развојот и образованието на Ромските деца на возраст од 4 години и 5 месеци до 6 години, да се подобрат социјалните вештини, подобрување на владеењето со македонскиот јазик, како и да се зголемат компетенците на воспитувачите и негователите за работа и надминување на предрасудите и стереотипите за Ромите во јавните детски градинки. За потребите на проектот Министерството за труд и социјална политка одобри посебни средства за работно ангажирање на 17 негователки Ромки.

Од почетокот на имплементација заклучнно со учебната 2011/2012 година во рамките на проектот опфатени се 2200 деца Роми во предучилишно образование од кои што 82% се запишани во основно образование.

Во оваа учебна година, од септември 2013 вклучени се 477 деца во 18  детски градинки на возраст од 3,7 години до 5,8 години. Имплементацијата на проектот продолжува.