НПАА

Национална програма за усвојување на правото на Европската Унија (НПАА)

Националната програма за усвојување на правото на Европската унија (НПАА) претставува клучен документ за процесот на интеграција на Република Македонија во Европската унија, којшто ја одразува динамиката на усогласувањето на националното законодавство со правото на Европската унија и јакнењето на административните капацитети, т.е. прилагодувањето на националните институции кон европските административни структури.

Во рамките на Националната програма за усвојување на правото на Европската унија, се утврдува детален план и распоред за усогласување на националното законодавство со правото на ЕУ (acquis communautaire), при што се определуваат надлежните институции и органи за негова подготовка и спроведување, јасно се утврдуваат планираните временски рокови и потребните буџетски средства за реализирање на планираните активности и постигнувањето на утврдените цели. Во НПАА се става посебен акцент на административните структури за спроведување на законодавството, во насока на формирање нови или реформирање на постојните институции, како и за обезбедување на соодветен стручен и обучен кадар.   

Националната програма за усвојување на правото на Европската унија, за прв пат е подготвена и усвоена од страна на Владата на РМ во 2007 година, по што секоја година се врши редовно (годишно) ревидирање и ажурирање на документот, со вклучување на приоритети и активности кои произлегуваат од редовните извештаи на Европската комисија за напредокот на Република Македонија, како и од приоритетите од Партнерството за пристапување и од Пристапниот дијалог на високо ниво помеѓу Европската унија и Република Македонија.

НПАА ја следи структурата на Копенхагенските и Мадридските критериуми (критериумите за членство во Европската унија) и ги опфаќа: (I) политичките критериуми, (II) економските критериуми, (III)способноста да се преземат обврските од членството, (IV) административниот капацитет, (V)подготовката на Националната верзија на правото на ЕУ и (VI) информирањето и комуникацијата со јавноста.

Програмата содржи наративен дел со матрица на цели и активности и табеларен дел (прилози). 

Процесот на изготвување на НПАА го координира Секретаријатот за европски прашања (СЕП), при што за секој дел на Програмата, т.е. за секое од преговарачките поглавја, е формирана посебна Работна група, во чија работа учествуваат претставници од сите релевантни институции и организации, во зависност од областите и прашањата кои се опфатени со конкретното поглавје. 

Министерството за труд и социјална политика е директно надлежно за две поглавја и тоа за Поглавјето 3.02. Слободно движење на работници и Поглавјето 3.19. Социјална политика и вработување. Покрај во овие две, Министерството за труд и социјална политика, во рамките на своите надлежности, учествува во подготвувањето и имплементацијата на активностите и во неколку други делови и поглавја од НПАА. 

Преглед на областите во рамки на Поглавјата 3.02 и 3.19: 

Поглавје 3.02. Слободно движење на работници

  • 3.02.1.           Пристап до пазарот на труд

  • 3.02.2.           ЕУРЕС

  • 3.02.3            Координација на системи за социјално осигурување

  • 3.02.4            Европска картичка за здравствено осигурување

Поглавје 3.19. Социјална политика и вработување

  •  3.19.1.           Трудово право

  • 3.19.2            Здравје и безбедност при работа

  • 3.19.3            Социјален дијалог

  • 3.19.4            Политика на вработување и Европски социјален фонд

  • 3.19.5            Социјална вклученост

  • 3.19.6            Социјална заштита

  • 3.19.7            Антидискриминација и еднакви можности