Право на додаток за слепило

Правото на додаток за слепило се обезбедува за потполно слепо лице односно лице кај кое што постои оштетување на видот од 98% до 100%, со навршени 26 години.

Месечниот износ на додатокот изнесува 7.000 денари, усогласен со порастот на трошоците на живот за претходната година, објавени од Државниот завод за статистика, во јануари за тековната година.

Право на додаток за слепило може да оствари лице чиј годишен нето приход по сите основи изнесува најмногу до вкупниот годишен износ на просечни нето месечни плати исплатени за секој месец за претходната година.

Правото на додаток за слепило не може да оствари лице кое што го користи правото на цивилна или воена инвалиднина, согласно со закон.

Правото на додаток за слепило се остварува од денот на поднесување на барањето, врз основа на конзилијарно мислење и наод од најмалку тројца лекари специјалисти од соодветните специјалности од терцијарна здравствена установа (Универзитетски клиники во Скопје).

Во постапка по жалба против решението на центарот одлучуваат тројца лекари специјалисти од соодветните специјалности од терцијарна здравствена установа (Универзитетски клиники во Скопје) кои не го донеле конзилијарното мислење во прв степен.