Институции на новиот пензиски систем

 Институционалната рамка на реформираниот пензиски систем ќе ја сочинуваат:

  • Фондот на пензиското и инвалидското осигурување на Македонија (Фонд на ПИОМ), во кој ќе се уплаќаат придонесите за првиот и вториот столб од пензискиот систем. 6% од вкупниот придонес на лицата кои задолжително се вклучени во вториот столб, Фондот на ПИОМ ќе ги префрлува на сметките на приватните пензиски фондови.
  • Приватните пензиски фондови, кои претставуваат отворени инвестициски фондови и кои се состојат од средствата од придонесите на нивните членови и од приносите од инвестирањето на тие средства. Сопственици на приватните пензиски фондови се нивните членови (осигурениците од вториот столб).
  • Друштвата за управување со приватните пензиски фондови се оние правни лица кои ќе добијат дозвола да управуваат со приватните пензиски фондови. Тие се основаат и работат согласно Законот за трговски друштва и имаат единствена дејност – управување со пензиски фондови. Друштво за управување со пензиски фондови може да основаат само правни лица чиј капитал изнесува најмалку 20 милиони евра, имаат искуство од најмалку три години, имаат потврден бонитет и стручен менаџерски тим.
  • Чуварот на имотот на приватните пензиски фондови е институција која ги чува безбедно средствата на приватните пензиски фондови и која осигурува дека инвестициските договори поврзани со овие средства се во согласност со законите.
  • Агенцијата за супервизија на задолжителното капитално финансирано пензиско осигурување е државна институција основана со цел да врши супервизија на работењето на друштвата за управување со пензиски фондови и на пензиските фондови и да обезбеди заштита на интересите на членовите на пензиските фондови и поттикнување на развојот на капитално финансираното пензиско осигурување.
  • Министерството за труд и социјална политика е институција која врши надзор на законитоста на работењето на Агенцијата за супервизија на задолжителното капитално финансирано пензиско осигурување.