13.07.2022
Тренчевска: Позитивните практики на Северна Македонија во областа на родовата еднаквост се пример за регионот
Министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска денеска се сретна со заменик шефот на мисијата на ОБСЕ во Косово, Килиан Вахл, во Ресурсниот центар за родово одговорно креирање на политики и буџетирање.
На средбата се разговараше за позитивните практики кои ги имплементираше Владата на Република Северна Македонија и Министерството за труд и социјална политика во однос на родовата еднаквост, дискриминацијата и родово базираното насилство.
![](content/images/sliki_2022/juli_2022/6_7/slika resursen 2.JPG)
„Како Влада се залагаме за унапредување на родовата еднаквост, во моментов работиме на нов Закон за родова еднаквост и подзаконските акти на Законот за спречување и заштита од насилство врз жените и семејно насилство, а претходно го донесовме и Законот за спречување и заштита од дискриминација. Ги јакнеме капацитетите на јавната администрација преку обуки со цел внесување на родова сензитивност во креирањето на политики и носењето на одржливи решенија кои што ќе бидат релевантни на подолг временски период“, рече Тренчевска.
Таа посочи дека за таа цел е отворен и Ресурсниот центар за родово одговорно креирање на политики и буџетирање за спроведување на обуки и собирање на материјални ресурси како што се истражувања и анализи кои ќе ги унапредат знаењата на јавната администрација.
![](content/images/sliki_2022/juli_2022/6_7/slika resursen 3.JPG)
„Во Ресурсниот центар досега се спроведени обуки на четири теми, од кои, „Основна обука за Родово одговорно буџетирање“; „Следење и евалуацијa на постигнувањата од Родово буџетските изјави"; „Родово буџетски изјави - Извештај за родово одговорно буџетирање" и „Родовата перспектива во јавните финансии - РОБ". Исто така имплементирана е и онлајн платформа во која што се вклучени сите материјални ресурси. Овој центар е единствен во регионот, затоа нашата цел е да премине во Регионален ресурсен центар“, изјави министерката.
Тренчевска се осврна и на посветената работа на Министерството во делот на родово базираното насилство.
„Практикуваме мултисекторски пристап во решавање на предизвиците за родово базираното насилство каде што во фокусот е секогаш жртвата. Имплементираме програма за ресоцијализација и реинтеграција на насилниците, како и обуки на вработените во Центрите за социјална работа“, изјави министерката.
![](content/images/sliki_2022/juli_2022/6_7/slika resursen 4.JPG)
Заменик шефот на мисијата на ОБСЕ во Косово се заблагодари за можноста да разговараат за позитивните практики од Република Северна Македонија која што е лидер во регионот во делот на родовата еднаквост и ќе послужат како добар пример и за Република Косово.
Исто така додаде дека различниот пристап на Владата преку Ресурсните Центри е од особена важност.