Надлежности на Министерство за социјална политика, демографија и млади
Согласно со член 28, точка 4 од Законот за изменување и дополнување на Законот за организација и работа на органите на државната управа ("Сл. весник на РСМ", бр. 121/24), Министерството за труд и социјална политика продолжува да работи како Министерство за социјална политика, демографија и млади.
Министерот за социјална политика, демографија и млади продолжува да ги врши работите што се однесуваат на трудот (работните односи, вработувањето и вработеноста, заштитата на работниците при работењето, материјалното обезбедување на привремено невработените, платите и животниот стандард) се до преземањето на вработените во Министерството за економија и труд.
Министерството за социјална политика, демографија и млади ги врши работите што се однесуваат на:
- пензиско-инвалидското осигурување;
- социјалната политика;
- хуманата популациона политика заради усогласен економски социјален развој;
- правните односи во бракот, семејството и вонбрачната заедница;
- односите меѓу родителите и децата, старателството и посвојувањето;
- унапредувањето на рамноправноста на половите;
- заштитата на децата и малолетните лица;
- заштитата на младината и жените;
- заштитата на лицата со пречки во развојот;
- заштитата на цивилните инвалиди од војната и на семејсвотото чиј хранител е на задолжителна воена служба;
- заштитата на борците од Антифашистичката војна и од сите национално ослободителни војни на Македонија, на воените инвалиди, на прогонуваните и затвораните за идеите на самобитноста на македонскиот народ и неговата државност, како и на членовите на нивните семејства кои немаат можности за материјална и социјална егзистенција;
- планирање на семејството;
- семејството и децата;
- подготовката и развојот на демографската политика и политиката поврзана со миграциите;
- подготовка и развојот на политиката за млади;
- грижата за психофизичкиот развој на младите и нивната заштита;
- поттикнување и помагањето на формите на младинско организирање;
- преземањето активности за создавање услови за задржување во Републиката на способните и талентирани млади, како и создавање услови за стимулирање на нивното враќање;
- поттикнување на вработливоста на младите;
- надзорот од негова надлежност и
- врши други работи утврдени со закон.
Мисија
Креирање и имплементација на политиките на пазарот на трудот, социјалната сигурност, еднакви можности, заштита и превенција од дискриминација согласно со меѓународните стандарди и принципи.
Визија
Обезбедување на флексигурносен пазар на трудот, проследен со проактивна инклузивна социјална сигурност, еднакви можности за граѓаните и обезбедена примена на меѓународните стандарди и принципи преку социјален дијалог.