16.06.2022
Тренчевска од Рим: Преку економски и социјални политики го подобруваме квалитетот на живот на старите лица
Министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска учествува на дводневна министерска конференција во Рим, Италија, во организација на УНЕЦЕ, Постојаната работна група за стареење на УНЕЦЕ и Владата на Италија.
Министерката Тренчевска денеска учествуваше на панел дискусијата на сесијата организирана од Владата на Бугарија и Регионалната канцеларија на Фондот за население на ОН (УНФПА), на тема „Зајакнување на демографската отпорност преку искористување на можностите од стареењето на населението“.
![](content/images/sliki_2022/juni_2022/slika rim 4.jpg)
Во своето излагање министерката се осврна на социјалните и економски политики кои држава ги реализира, а имаат за цел подобрување на квалитетот на живот на старите лица.
„Како Влада и како министерство, грижата за највозрасната категорија на граѓани е наш приоритет и одговорност. Тоа се рефлектира низ носење на нови законски решенија, мерки и социјални услуги со кои придонесуваме во подобрување на квалитетот на живот на старите лица“, рече Тренчевска.
Во таа насока таа ја посочи измените во Законот за пензиското и инвалидското осигурување, со кои се воведе нова методологија на усогласување на пензијата преку комбиниран модел од 50% пораст на просечната плата и 50% пораст на трошоци на живот. Според првичните анализи, усогласувањето ќе придонесе кон раст на пензиите над 6% и ќе придонесе кон подобро усогласување на висината на пензиите со трошоците за живот. Покрај новата методологија во време на криза беше обезбедена и финансиска поддршка во период од три месеци, за околу 330.000 пензионери.
![](content/images/sliki_2022/juni_2022/slika rim 7a.jpg)
Министерката зборуваше и за процесот на децентрализација преку кој социјалните услуги се приближуваат до граѓаните во нивното место на живеење. Со посебен акцент на старите и изнемоштени лица и лицата кои не можат да се грижат сами за себе, при што е обезбедена помош и поддршка во секојдневните обврски, околу одржување на домаќинството, помош во лична хигиена и медицинска нега од страна на негователи.
„Во рамки на Проектот за подобрување на социјалните услуги, финансиран со заем од Светска Банка, Министерството за труд и социјална политика во со првиот јавен повик од 2019 упатен до општините за аплицирање за грант за развој на социјални услуги има склучено договори со 22 општини и 15 даватели на услуги за 22 под-проекти од кои 16 се насочени кон развој на социјални услуги за стари лица и тоа 15 за услугата помош и нега во домот и 1 за услугата дневен престој со активно стареење,“ информираше Тренчевска.
![](content/images/sliki_2022/juni_2022/slika rim 2.jpg)
Таа посочи дека, во соработка со УНФПА, министерството е во процес на планирање на нова фаза на мерки со кои ќе се адресираат демографските предизвици и ќе се зајакнат капацитетите на институциите да носат мерки и политики со кои ќе се поддржи пристапот до права и квалитетни услуги за граѓаните од сите возрасти.
„За креаторите на политики, здравото стареење подразбира холистички пристап кон градењето политики кои овозможуваат пристап до права и квалитетни услуги, овозможување еднакви животни можности, поддршка на култура на здраво живеење, поддршка за остварување на посакуваната големина на семејство и поддршка на семејствата, за развивање и ефектуирање на човечкиот потенцијал на лицата од различни возрасти,“ порача Тренчевска.