19.05.2022
Тренчевска: Општина Делчево добива нова детска градинка со капацитет за 130 деца
Министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска и градоначалникот на Општина Делчево, Горан Трајковски денеска потпишаа Договор за изградба на нова детска градинка која ќе обезбеди опфат на нови 130 деца од оваа општина.
![](content/images/sliki_2022/maj2022/слика 2 Договор.jpg)
„Со градоначалникот на Општина Делчево, Горан Трајковски потпишавме Договор за изградба на нова детска градинка како дел од ЈОУДГ „Весели Цветови“, со капацитет за 130 деца распоредени во 8 групи“, изјави министерката.
За изградба на оваа детска градинка Министерството од својот буџет инвестира согласно проценетата вредност 50.6 милиони денари со ДДВ, и за опремување дополнително уште 5.6 милиони денари. Општина Делчево учествува со околу 5% во изградбата.
![](content/images/sliki_2022/maj2022/слика 3 Договор.jpg)
„За Министерството за труд и социјална политика, вложувањето во раниот детски развој е приоритет. Секое дете заслужува можност за квалитетно предучилишно воспитание, затоа што тоа е клучно за правилниот детски развој и претставува подготовка за понатамошниот тек во образовниот процес“, рече министерката.
Од 2017 година изградени се 69 градинки со опфат на околу 4300 деца во предучилишно згрижување и воспитание. Градоначалникот Трајковски истакна дека со изградбата на новата градинка, се овозможува децата кои се на листите на чекање за прием во детската градинка, да влезат во воспитно-образовниот систем и да се подготват за образовниот процес. Воедно, се овозможува на младите родители згрижување на нивните дечиња и се создаваат услови и за нови вработувања.
„Изминатиов период посветено работевме за да го оствариме ова ветување пред граѓаните и да изградиме уште еден капитален проект кој ќе биде украс на градот и кој ќе сведочи за нашата работа и мотивираност да го направиме нашето Делчево убаво место за живеење и да одговориме на потребите на сите категории граѓани“, рече Трајковски.