31.05.2022
Тренчевска: Се залагаме за создавање на похумано општество во кое сите граѓани имаат еднакви права, можности и третман
Министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска заедно со градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски ги посети домовите на двајца корисници на услугата помош и нега во домот и притоа доделија решенија за користење на оваа услуга, преку Проектот Сервис за стари-„Центар се грижи за возрасните“.
„Грижата за граѓаните, со посебен акцент на ранливите категории на граѓани е врвен приоритет на Владата и Министерството за труд и социјална политика. Во таа насока, креираме политики, стратегии, преземаме мерки за поддршка на оние граѓани на кои помошта им е неопходна. Затоа што секој еден граѓанин има право на достоинствен живот“, рече министерката.
„Проектот оваа година започна од 12.05.2022 година, од кога и ги примаме барања за доделување субвенција, а ќе трае се до исцрпување на финансиските средства предвидени за оваа намена во Буџетот на општината. Сите детали како услови, начин и потребна документација за аплицирање, граѓаните можат да најдат во јавниот повик, објавен на веб страната на Општина Центар“, изјави Градоначалникот на Општина Центар.
![](content/images/sliki_2022/maj2022/31_5/slika 3 dom.JPG)
Градоначалникот ги повика сите граѓани кои имаат потреба од нега во домашни услови да поднесат барања и станат корисници на помош од медицински лица, физиотерапевти, негуватели, социјални работници и психијатри во своите домови.
Тренчевска додаде дека на околу 90 стари лица над 60 години возраст кои се жители на Општина Центар, ќе им биде обезбедена помош и поддршка во секојдневните обврски од страна на негователи, како и услуги од физиотерапевт, медицинска сестра и психолог.
![](content/images/sliki_2022/maj2022/31_5/slika 4 dom.JPG)
„Со децентрализацијата социјалните услуги ги приближуваме до граѓаните во нивното место на живеење. Истовремено, ги ангажираме и тешко вработливите лица од заедницата кои низ процес на обука се здобиваат со лиценца за помош и нега во домот. Придобивките се двојни. Обезбедена помош и поддршка на оние на кои им е потребна и работна платена ангажираност и излез на тешко вработливите лица на пазарот на труд,“ изјави Тренчевска.
Министерката порача дека Владата на Република Северна Македонија и Министерството за труд и социјална политика неуморно се залага за создавање на похумано општество во кое сите граѓани имаат еднакви права, можности и третман.