18.03.2022
Тренчевска: Активностите дефинирани во Заедничкиот работен план за 2022 година, придонесуваат за исполнување на приоритетите и целите на Министерството и остварување на Целите за одржлив развој
Министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска денеска учествуваше на вториот состанок на Заедничкиот управувачки комитет (ЗУК), за спроведување на Рамката за соработка за одржлив развој, на ОН 2021-2025 година, во Република Северна Македонија.
![](content/images/sliki_2022/mart2022/18_3/6.jpg)
На состанокот кој што го отворија копретседавачите на ЗУК, министерот за надворешни работи, Бујар Османи и постојаната координаторка на ОН во земјава, Росана Дуџак, од страна на претставниците на агенциите на ОН во земјава, УНФПА, УНВОМЕН, УНДП, УНИЦЕФ и МОТ беа презентирани резултатите од 2021 година и заедничкиот работен план за 2022 година.
Министерката Тренчевска се заблагодари на долгогодишната соработка со агенциите и телата на ОН во земјава, во заложбите за постигнување на целите за одржлив развој до 2030 година и поддршката во градењето на просперитетна и инклузивна држава.
![](content/images/sliki_2022/mart2022/18_3/5.jpg)
„Наш главен приоритет е да осигураме шанса и можности за сите - никој не смее да биде изоставен. Затоа, продолжуваме со активација на ранливите групи и обезбедување на поддршка за нивна интеграција на пазарот на труд. Работиме и на создавање на поволна и поттикнувачка средина за развој на социјалните претпријатија,“ рече министерката Тренчевска.
Таа се осврна и на напорите кои министерството ги прави во насока на унапредување на работничките права и обезбедување на достојни услови за работа, како и важноста од почитување на безбедноста и здравјето при работа. Значењето на функционирањето на економско – социјалниот совет и владеењето на социјален дијалог во државата како клучен за носење на вистински и оддржливи решенија.
![](content/images/sliki_2022/mart2022/18_3/2.JPG)
Министерката посочи дека унапредувањето на социјалната сигурност, заштитата на лицата во социјален ризик, процесот на деинституционализација, зајакнување на правата од детска заштита, јакнењето на капацитетите на стручниот кадар во градинките и развојот на услугите за родителите се процеси на кои министерството продолжува да работи.
Таа информираше дека во областа на еднакви можности и заштитата од дискриминација, во следниот период, ќе бидат имплементирани активности поврзани со носењето на Законот за спречување и заштита од дискриминација, како и унапредување на законската и стратешка рамка за еднакви можности на жените и мажите, имплементација на Акцискиот план за спроведување на Истанбулската конвенција и вклучување на стратешки планови, политики и буџети.
![](content/images/sliki_2022/mart2022/18_3/4.JPG)
Министерката посочи дека, планираните резултати за „Просперитет за сите“, „Квалитетни услуги за сите“ и „Добро владеење“ дефинирани во Заедничкиот план за спроведување на Рамката за соработка за одржлив развој се целосно усогласени со приоритетите и планираните активности за 2022 година на министерството.
„Активностите дефинирани во Заедничкиот работен план за 2022 година, значително ќе придонесат за исполнување на приоритетите и целите на Министерството за труд и социјална политика и секако придонесуваат кон остварување на Целите за одржлив развој,“ рече Тренчевска.
![](content/images/sliki_2022/mart2022/18_3/3.JPG)
Таа потенцираше дека за остварување на Заедничкиот план потребна е силна координација на релевантните министерства, институции и развојни партнери во насока на постигнување на споделена одговорност и оптимално искористување на ресурсите и интегрирање на искуствата во институциите на системот.