27.03.2024
Хусејин: Главен приоритет е да осигуриме шанса и можности за сите
Заменик министерот за труд и социјална политика, Енвер Хусејин учествуваше на Четвртиот состанок на Заедничкиот управен комитет за спроведување на Рамката за соработка за одржлив развој на организацијата на Обединетите нации 2021-2025 во Република Северна Македонија.
Во своето обраќање, заменикот Хусејин потенцираше: “Главниот наш приоритет е да осигуриме шанса и можности за сите - никој не смее да биде изоставен. Мора да осигуриме дека нашите граѓани имаат можности, капацитет и вештини за полесно да се справат со промените, потребите и со сите предизвици на пазарот на трудот”.
Во овој контекст, Хусејин се осврна на Оперативниот план за активни програми и мерки за вработување, како и на Гаранцијата за млади.
“Во таа смисла, она на што посветивме посебно внимание минатата година е унапредување на работничките права и гарантирање на пристојни и праведни услови за работа за сите работници, вклучително и оние што се дел од неформалниот сектор”, додаде заменик министерот за труд и социјална политика.
Во однос на социјалната заштита, Хусејин рече дека продолжуваат заложбите за подобрување на достапноста на квалитетни социјални услуги во заедницата за семејствата во ризик, вклучувајќи ги децата со попреченост и нивните семејства, но и постарите лица.
“Во областа заштита на децата, се фокусираме и на зајакнување на механизмите на заштита на правата на децата, особено за децата во ранлива положба, унапредување на менталното здравје и благосостојба на децата, потоа, јакнење на капацитетите и поддршка на родителите”, додаде Хусејин.
Во своето обраќање, заменикот министер се осврна и на Стратегијата за демографски политики, но и на мерките и активностите кои се насочени кон унапредување на законската, институционалната и стратешка рамка за еднакви можности на жените и мажите.
“Kлучна е стратешката поддршка што се обезбедува преку Рамката за соработка за одржлив развој на Обединетите нации при креирање и имплементација на демографските политики, политиките на пазарот на трудот, социјалната сигурност, еднакви можности, заштита и превенција од дискриминација согласно со меѓународните стандарди и принципи”, резимираше Хусејин.