12.02.2025
Лимани: Посветено работиме на унапредување на квалитетот на социјални услуги за сите корисници во нашата држава
Министерот за социјална политика, демографија и млади, Фатмир Лимани, заменик министерот Ѓоко Велковски, државниот секретар Фатмир Сабриу и шефицата на кабинет Флутра Калиси и раководителката на Сектор за ЕУ програми и фондови, Анкица Ивановски денеска одржаа работна средба со клучните експерти од ИПА проектот „Поддршка на системот за обезбедување на квалитет на социјалните услуги“, финансиран од ЕУ (ИПА III-програмски период 2021-2027), а корисник е Министерството за социјална политика, демографија и млади.

Основната цел на проектот е да ги поддржи реформите и политиките со цел унапредување на квалитетот на социјални услуги за сите корисници низ земјата.
Соговорниците разговараа за очекуваните резултати од проектот, при што од страна на експертите беа посочени: воспоставување функционален систем за следење (мониторинг),евалуација и воспоставување стандарди за обезбедување на квалитет на социјални услуги. Понатаму, зајакнати капацитети на релевантните засегнати страни за употреба на воспоставената методологија и сет од алатки за мониторинг и евалуација на следење и унапредување на социјални услуги, како и зајакнати капацитети на национално, регионално и локални ниво за следење, известување и планирање на социјалните услуги кои ќе одговорат на граѓаните на локално ниво. Исто така ќе се зајакнат и капацитети за вршење стручен надзор и социјална инспекција на социјалните услуги како дел од системот на социјална заштита.

Во проектот се опфатени вработени во Министерство за социјална политика, демографија и млади и тела на централно ниво, органи и институции на локално ниво, центри за социјална работа, општините, јавни и приватни лиценцирани даватели на социјални услуги, корисници на услуги и Народен правобранител (омбудсман).
Соговорниците изразија подготвеност за посветеност во работата на проектот со цел во воспоставување стандарди на квалитетот на социјални услуги кои ќе обезбедат подобри социјални услуги на локални ниво за сите граѓани и подобрување на системот на социјална заштита.