30.12.2024
Лимани во посета на лицата со попреченост: Различностите го зајакнуваат општеството, да обезбедиме еднакви услови и шанси за сите
Министерот за социјална политика, демографија и млади, Фатмир Лимани ги посети корисниците на социјални услуги при ЈУ Завод за рехабилитација на деца и младинци Скопје.
Во рамките на Заводот функционираат шест (6) станбени единици каде се згрижени околу 30 деца и лица со попреченост кои добиваат 24 часовна поддршка од страна на стручни лица и негуватели.
Со цел, создавање на услови каде што корисниците ќе се осамостојат за по независен живот се направи темелна реконструкција на Заводот каде што е предвидено институцијата да прерасне во современ центар за рана идентификација и интервенција, дневни центри, професионална рехабилитација и други индивидуални услуги.
Со новите предлог решенија се воведува професионална рехабилитација и работно оспособување со што лицата со попреченост треба да станат конкуренти на пазарот и со тоа да се вработат, но и да го задржат своето вработување. Стручните лица од овој центар ќе бидат меѓу првите што ќе ја следат обуката за воведување на ова услуга.
Покрај Стратегијата за Деинституционализација и акцискиот план, која успешно се спроведува со постепена трансформација на установите како и со развојот на мрежата на даватели на социјални услуги, Владата на Република Северна Македонија заедно со Министерството за социјална политика, демографија и млади ја развива Национална стратегија за попреченост како и Акцискиот план на стратегијата во која учество земаат сите надлежни министерства, граѓански организации, како и лица со попреченост.
Со Националната стратегија за правата на лицата со попреченост делуваме и докажуваме дека различностите не се нешто од што треба да се плашиме, напротив, тоа е нешто што треба да го научиме да живееме со тоа. Различностите го зајакнуваат нашето демократско општество и треба да обезбедиме еднакви услови и еднакви шанси за сите граѓани без исклучок.
Со заеднички напори, ќе придонесеме децата и лицата со попреченост да го остварат својот потенцијал како еднакви и рамноправни членови на нашето општество.