28.04.2021

Министерката Шахпаска по повод 28 април – Светскиот ден на безбедност и здравје при работа: Инвестирањето во силни и прилагодливи системи за БЗР, кои ќе одговорат на евентуалните предизвици по здравјето и безбедноста на работните места е од суштинско значење

По повод одбележувањето на 28 април - Светскиот ден за безбедност и здравје при работа, Министерството за труд и социјална политика заедно со Советот за безбедност и здравје при работа, организираше онлајн настан насловен: „Да инвестираме сега во силни и флексибилни системи за БЗР“. На настанот учество земаа претставници од Советот за безбедност и здравје при работа, Меѓународната организација на трудот, Државниот инспекторат за труд, Сојузот на синдикати на Македонија, Организација на работодавачи и Институтот за имунологија хумана генетика.

Министерката за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска на почетокот од своето обраќање изрази задоволство за учеството во овој значаен настан, со кој и оваа година, нашата држава се придружува кон меѓународната глобална иницијатива, поддржана од Меѓународната организација на трудот, за одбележување на 28 април – Светскиот ден на безбедност и здравје при работа.

 „Одбележувањето на 28 април треба сите да не поттикне заеднички да работиме и на подигнување на јавната свест за безбедноста и здравјето при работа, затоа што сите ние заеднички ја споделуваме и одговорноста и обврската да работиме на превенирање на несреќите, смртните случаи, повредите и заболувањата поврзани со работата. А колку е тоа навистина важно и неопходно, ни покажа, меѓу другото токму и оваа пандемија со која се живееме еве веќе втора година“, истакна министерката Шахпаска.

Таа посочи дека уште од почетокот се покажа дека пандемијата има силно влијание врз речиси сите аспекти на работата. ​

„Сведоци сме дека сите работници, работодавачи, бизниси, сектори, институции итн., се на различни начини силно погодени од оваа здравствена криза, како и од неопходните мерки кои се преземаат за спречување на ширењето на заразата. А опасноста и превенцијата од зараза на работниците доведоа до голем број на промени во начинот на работа и одвивањето на работата во претпријатијата, поинтензивно употреба на работа од дома, работа од далечина, смени, ротации на вработени итн.

Таа потенцираше дека ова е мошне тешко и комплицирано време кога се соочуваме со сериозна опасност по нашето здравје и живот, а  работниците и работодавачите се исправени пред огромни и неочекувани предизвици.

„Затоа, сметам дека сите ќе се согласите, заштитата на здравјето на работниците и на населението во целост, во овој период беше и сеуште е нашиот врвен и главен заеднички приоритет“, рече Шахпаска.

Притоа, додаде таа, преземањето на соодветни мерки во областа на безбедноста и здравјето при работа ја има и една од најважните улоги во превенцијата и спречувањето на ширењето на заразата, а со самото тоа и во заштитата на здравјето на работниците и воопшто, на целата популација. 

„Се потврдува дека е од суштинско значење постојано да се инвестира во силни, прилагодливи системи за БЗР, кои ќе можат да одговорат на моменталните, но и на идните евентуални ризици, опасности и предизвици по здравјето и безбедноста на работните места“, рече Шахпаска.

Таа истакна дека во овој период постојат одредени категории на работници кои се соочуваат со значително зголемени ризици од пренесување и ширење на заразата, поради тоа што цело време се наоѓаат во „првите редови“ на одговор на пандемијата или во ситуации и услови на зголемена непосредна изложеност.

„Тоа се пред сè нашите здравствени работници, но и вработените во маркетите, шалтерските работници, работниците кои работат на обезбедувањето на комунални и други суштествени услуги, работниците кои работат на места со зголемена концентрација и фреквенција на луѓе, инспекторите кои секојдневно работат на терен, полицијата итн“, рече Шахпаска.

 Таа изрази огромна почит и благодарност за сите работници, пред сè здравствените, но и други, кои и во овие услови на пандемија неуморно ги извршуваат своите работни задачи грижејќи се за нашето здравје и благосостојба.

„На крај, дозволете ми уште еднаш, на сите вас кои што активно работите и придонесувате во областа, да Ви го честитам 28 април - Светскиот ден за безбедност и здравје при работа, со надеж дека и оваа криза предизвикана од пандемијата на COVID-19, со заеднички сили и залагања и во навистина скоро време, конечно ќе успееме да ја победиме“, порача Шахпаска.

 

Таа изрази убедување дека од оваа исцрпувачка и долготрајна битка ќе излеземе уште посилни, со многу повисока свест, многу научени лекции и подготвеност заеднички да работиме уште повеќе и поодговорно во насока на обезбедување на безбедна и здрава работна средина за нашите работници. Свесни дека подигнувањето на превентивната култура на работните места и подобрувањето на безбедноста и здравјето при работа во вакви и слични кризни ситуации, е клучен фактор кој придонесува и кон системот на јавното здравје и заштитата на населението во целост. 

Со еден клик до сите услуги
Uslugi.gov.mk
Кликни тука
-->