14.02.2025
Министерот Лимани ги посети корисниците на Дневниот центар за лица со церебрална парализа
Министерот за социјална политика, демографија и млади Фатмир Лимани заедно со дел од неговиот тим го посети Дневниот центар за лица со церебрална парализа -единствен од овој тип во нашата држава кој испорачува третман и дневен престој за деца и лица со церебрална парализа и претставува организациона единица на ЈУ МЦСР на Град Скопје.

Во моментов го посетуваат 23 корисници на различна возраст, од кои еден дел секојдневно го посетуваат Дневниот центар и се обезбедува услугата дневен престој, а дел ја користат услугата индивидуален третман.

За време на посетата корисниците имаа свои активности, во кои им се придружи и министерот Лимани. Времето го поминаа во изработка на цртежи, разговори, смеа и прегратки.
Благодарение на стручниот тим кој секојдневно се грижи за нив, како втори родители, овие лица тука поминуваат многу среќни моменти.

За корисниците од центарот беа доставени и хуманитарни пакети кои се доделуваат со поддршка на организацијата АДРА.
Унапредувањето на квалитетот на социјалните услуги за министерството претставува една особено важна задача. Затоа, заедно со вработените во центрите се работи на обезбедување на услуги кои се согласно потребите на корисниците.