16.10.2025
Националната работна група за превенција на насилство кај младите - прв национален механизам посветен исклучиво на превенција на насилство кај младитe
Министерството за социјална политика, демографија и млади во соработка со Мисијата на ОБСЕ во Скопје и во консултација со релевантни институции и вклученост на граѓанскиот сектор воспостави Национална работна група за превенција на насилство кај младите. Одлуката за нејзино воспоставување е направена од страна на министерот за социјална политика, демографија и млади, Фатмир Лимани проследена до Мисијата на ОБСЕ во Скопје, со вклучени номинирани претставници од институциите и младинскиот граѓански сектор.

Ова претставува прв национален механизам посветен исклучиво на превенција на насилство кај младите и платформа за дијалог помеѓу државните институции, органите за спроведување на законот, младите и граѓанското општество, исклучиво на превенција на насилство кај младите, со цел да се поттикне системска координација, заедничко дејствување и предложување на одржливи решенија. Младите ќе имаат формален глас во националната структура која се занимава со прашања што директно ја засегаат нивната безбедност и иднина.
Целта на работната група е да ги зајакне институционалните и општествените капацитети за превенција и справување со насилството кај младите преку сеопфатен, координиран и базиран на докази пристап, со обезбедување младинско учество и меѓуинституционална отчетност.

Клучните нејзини функции вклучуваат: мапирање на безбедносни предизвици, ризик-фактори и трендови на насилство кај младите, спроведување на заеднички проценки и идентификација на приоритети, адресирање на институционални, правни и политички празнини во рамката на превенција и одговор, олеснување на размена на знаења, добри практики и иновации меѓу институциите и младите, следење и ревизија на имплементацијата на договорените мерки и известување за напредок.

Работната група досега одржа два состаноци (11 Септември и 13 Октомври) со воспоставување на пракса од одржување на најмалку еден на месечно ниво, а по потреба и почесто.
Со оваа иницијатива, Северна Македонија прави значаен чекор кон создавање на побезбедна и поддржувачка средина за сите млади, во која насилството нема место.