11.05.2025
Новата градинка во населба Инџиково, се гради со средства од државниот буџет, преку проект од првиот владин повик за поддршка на инфраструктурни општински проекти
Министерот за социјална политика, демографија и млади Фатмир Лимани, заедно со претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, министерот за локална самоуправа, Златко Перински, заменик министерот Ѓоко Велковски, градоначалникот на Општина Гази Баба, Боби Стефковски, денеска извршија увид на градежните активности на новата детска градинка во населба Инџиково, Општина Гази Баба.

Изградбата на градинката, како што порача министерот Лимани, е дел од пошироката заложба на Владата за рамномерен развој и грижа за секое дете, во секое населено место.
Проектирана според современи стандарди, градинката ќе обезбеди капацитет за 48 деца и услови за инклузивна и квалитетна предучилишна грижа.

Инвестицијата, во вредност од 47.500.000 денари, е обезбедена преку Потпрограма АА-капитални дотации на општините од областа на детската и социјалната заштита, и е еден од четирите проекти избрани преку првиот јавен повик, а веќе заврши и вториот јавен повик со 11 нови апликации, кои се на разгледување од страна на министерството.

„Во текот на 2025 година се очекува да започнат со работа повеќе од 10 детски градинки, кои ќе овозможат сместување за над 1500 деца, а за уште 15 градинки е во подготовка или во тек изградбата. Тоа значи дека до 2028 година ќе се отворат повеќе од 25 детски градинки и влез на нови 4000 деца и согласно оваа бројка и соодветен број на вработувања. Министерството за социјална политика, демографија и млади останува отворено за нови проекти и ги повикува сите општини активно да аплицираат, со цел заеднички да придонесеме за подобра иднина за децата во нашата земја“, порача министерот Лимани.