22.04.2025
Оддржана меѓусекторска обука за постапување со деца жртви согласно најдобриот интерес на детето
Министерството за социјална политика, демографија и млади и Заводот за социјални дејности во соработка со Академија за судии и јавни обвинители и Центар за обуки на МВР организираше меѓусекторска обука за стручните лица од центрите за социјална работа, јавни обвинители, судии, и полициски службеници за постапување со деца жртви во рамките на принципот на најдобар интерес на детето.
Успешната заштита на децата од занемарување, злоупотреба и насилство претпочита мулти секторски и мултидисциплинарен пристап и професионалци вклучени во овој процес кои имаат единствено разбирање, знаење, поимање и единствен став во однос на оваа негативна социјална појава.

Ваквите знаења и ставови се еден од предусловите за да можат сите вклучени субјекти да градат идентични вештини, што ќе овозможат подобра меѓу секторска соработка и координирано постапување при откривање, третман и заштитата на децата жртви на злоупотреба, занемарување и насилство. Ова би значело дека е потребно сите субјекти, сектори и институции инволвирани во овој комплексен процес да имаат согласност и заеднички консензус околу дефинициите злоупотреба, занемарување и заштита на деца.
Концептот на најдобар интерес на деца се спомнува во повеќе законските решенија, правилници, упатства за постапување на државни институции, дел е од критериуми во постапувањата на Центрите за социјална работа, и оттука се појавува потребата од дополнителна продлабочена анализа и разбирањето на концептот со цел интересот на деца да биде заштитен во суштинска смисла а проценка да биде спроведена на квалитетно и попрофесионално ниво.
Во текот на 2025 година планирани се четири регионални обуки кои ќе се реализираат во простории на апелациони судови за скопско, гостиварско, битолско и штипско подрачје.