21.11.2024
Петнаесетти пленарен состанок на Секторската работна група во областите образование, вработување и социјална политика
Во Владата на Република Северна Македонија денеска се одржа петнаесеттиот пленарен состанок на Секторската работна група во областите образование, вработување и социјална политика. На состанокот присуствуваа претставници од ресорните министерства кои ги покриваат овие области, амбасадори, соработници, социјални партнери, граѓанскиот сектор и донаторската заедница.
Целта на состанокот беше да се направи осврт на приоритетите во политиките за областите вработување, образование и вештини, социјална заштита и инклузија, како и политиките кои се во интерес на децата, политики кои се значајни и за нашата европска перспектива.
Состанокот го водеше Шефицата на Кабинетот на министерот за социјална политика, демографија и млади, Флутра Калиси, која се осврна на стратешката определба на Владата -подобрување на економскиот раст и подобрување на животниот стандард на граѓаните.
На состанокот беа посочени неколку клучни процеси во областите поврзани со социјалната политика насочени кон подобрување условите за живот на граѓаните. Притоа беа наведени, подобрувањето и унапредување на системот на социјална заштита како во однос на правата од социјална заштита, така и во однос на проширување и подобрување на квалитетот социјалните услуги. Активацијата на социјално ранливите категории на граѓани на пазарот на труд преку активните мерки и политики за вработување, како и социјалното претприемништво, како важен фактор во намалувањето на бројот на приматели на гарантирана минимална помош, а зголемување на вработеноста во државата.
Беа потенцирани активностите за поддршка за зајакнување на младите во секој аспект и активација на младите лица за нивно вклучување на пазарот на трудот преку Гаранцијата за млади, а со тоа унапредување на стандардот на младиот човек во државата. Во таа насока, беа посочени и нови можности за младите кои се отвораат со Законот за младинско учество, како и Стратегијата за млади 2023-2027 година.
Како особено значајно беше истакнато зајакнувањето на системот на детска заштита со акцентот за воведувањето на Eвропската детска гаранција во земјата, како голем предизвик и реформска промена. Капиталните вложувањата во предучилишното образование и грижа како значајна долгорочна инвестиција за децата и зајакнување на компетенциите на стручниот кадар во детските градинки што придонесува во подобрување на квалитетот на воспитно образовниот процес од најмала возраст.
Се зборуваше и за унапредување на системот пензиско и инвалидско осигурување кое е насочено кон подобрување на квалитетот на услугите во администрирањето на социјалното осигурување и унапредување на рамката за вработувањето на лицата со попреченост.
Преку спроведување на Стратегијата за инклузија на Ромите 2022–2030, државата ја изразува јасната стратешка определба за општество на еднаквост со еднаква шанса за сите.
Понатаму, се зборуваше и за политиките поврзани со родовата еднаквост и спроведување на низа активности - клучни за вистинска демократизација на земјата која е возможна преку вклучување на мажите и жените во општествените текови.
Во таа насока беше посочена и подготовката на Стратегија за борба против родово базираното насилство и развој на нови специјализирани услуги за жените и децата жртви на родово-базирано и семејно насилство.
Пленарниот состанок има големо значење поради можноста за споделување на различни согледувања и планови, а во насока за обезбедување континуитет во координацијата, дијалогот и соработката помеѓу релевантните министерства, институции, социјални партнери, граѓански организации и развојни партнери за постигнување на високо ниво на споделена одговорност, оптимално искористување на ресурсите и остварување видливи резултати за граѓаните