21.03.2023
Предлог законот за родова еднаквост ја унапредува родова еднаквост во општеството, целиме кон општество без стереотипи, враќањето назад е уназадување на општеството
Креирањето на законски решенија кои имаат за цел унапредување на правата на сите граѓани, согласно потребите на едно современо општество е приоритет и сериозна обврска во работењето на Министерството за труд и социјална политика. Во таа насока, на транспарентен начин, со вклученост на сите засегнати релевантни чинители во општеството се креираат сите законски решенија кои се во негова надлежност.
Поаѓајќи од тоа дека, граѓаните мора да бидат точно и навремено информирани, за работата на министерството, истото организираше и осум јавни дебати за новиот Предлог закон за родова еднаквост со кои беа опфатени сите региони во државата, а на кои присуствуваа заинтересираните страни, како што се координаторите и комисиите за еднакви можности на жените и мажите на локално ниво, претставници на локални здруженија на граѓани како и жени пратенички.
Токму овие јавни дебати се со цел, оставање на простор за искажани мислења, ставови, сугестии и предлози од кои ќе бидат во насока на подобрување на законското решение.
Министерството за труд и социјална политика, ја информира и реагира до јавноста дека во врска со изнесените ставови во однос на родовата еднаквост и новото предлог законско решение за родова еднаквост, изнесени на трибина „Зошто Не за сексуалното образование во училиштата„ во организација на Елеуса Фондацијата, дефинициите и поимите, кои се во дискурсот на родовата еднаквост се погрешно интерпретирани, користејќи реторика која е спротивна на основните принципи за човекови права врз кои се заснова Предлог Законот за родова еднаквост.
Целта на законот е да се обезбеди остварување на потполна родовата еднаквост, преку зајакнување на положбата и статусот на жената во општеството, еднаков пристап до ресурси и еднакво учество во донесување на одлуки во сите сфери на општествено живеење за целосно надминување на пречките и создавање услови за остварување на потенцијалите на сите луѓе, без разлика на полот, родот и родовиот идентитет.
Предлог законот ќе овозможи усогласување со новите ЕУ директиви во насока на поефикасна легислатива за родова еднаквост и ќе придонесе за јакнење на владеењето на правото, изградба на независни институции и функционален систем на национално и локално ниво.
Предлог законот дефинира „Пол“ како биолошка и психолошка карактеристика врз основа на кои луѓето се дефинираат како жени или мажи, додека „Род“ е социјална конструкција која ги подразбира општествените својства и можности што се поврзуваат со тоа да се биде женско или да се биде машко.
Во овој контекст, полот се однесува на биолошки и физиолошки карактеристики кои ги дефинираат мажите и жените, односно број и вид на полови хромозоми, хормони, внатрешна репродуктивна анатомија и надворешни гениталии. Овие карактеристики се универзални и генерално постојани. Исклучок се случаите на интерсексуалните лица кај кои уште од самото раѓање овие карактеристики не се ниту целосно типично машки, ниту целосно типично женски. Интерсексуалните лицата не треба да се мешаат со трансексуалните лица чиј родов идентитет се разликува од она што во културата се поврзува со нивниот пол на раѓање.
Тенденцијата на овој закон е да се надминат пречките и недостатоците во ефикасното обезбедување на еднаквост и елиминирање на стереотипите во општеството.
Наративот против родовата еднаквост вклучително и сексуалното образование е манипулирање на реалноста и илузија за враќање на патријархалните сфаќања, неприфаќање на различностите и наметнување на дискриминирачки ставови за различноста.
Сексуалното образование во училиштата ќе овозможи поддршка на младите во созревањето, да изградат сопствен систем на вредности и самопочит што ќе им овозможи да носат одговорни одлуки и да се однесуваат одговорно, да се спречи предвремени и незаштитени сексуални односи, да се превенираат бројните несакани последици од незнаење и предрасуди, злоупотреба и насилство и да придонесе за развој на толерантни и квалитетни односи помеѓу момчињата и девојчињата засновани на меѓусебна почит.
Ваквите ставови изнесени на трибината го враќаат општеството назад, не придонесуваат за подобар квалитет на живеење туку водат кон зајакнување на стереотипите и предрасудите, кон говор на омраза, дискриминација и ксенофобија.