23.04.2025
Сабриу: „Гаранција за млади“ не е само проект или политика – тоа е ветување дека ниту еден млад човек нема да остане сам, заборавен или без поддршка
Државниот секретар на Министерството за социјална политика, демографија и млади, Фатмир Сабриу денеска ја отвори дводневната работилница која има за цел - преглед на Планот за спроведување на Гаранцијата за млади за периодот 2023-2026г., со посебен акцент на унапредување на системот за следење, подобрување на мапирањето на NEETs (млади кои не се вклучени во процес на образование или обука, ниту се вработени).
Целта на работилницата е да се направи преглед на реформите и иницијативите спроведени во периодот 2023-2024г., и да се дискутира за евентуална потребна ревизија на ПСГМ за периодот 2025-2026г., врз основа на Среднорочниот преглед на Планот за С. Македонија за 2023-2026г.
На работилницата учествуваат членовите на мултисекторската работна група за Гаранција за млади –Министерство за социјална политика, демографија и млади, Министерство за економија и труд, Министерство за образование и наука, Агенција за вработување, социјалните партнери, младински организации, претставници од ЕУ, претставници од Државен завод за статистика, и други партнери.

Во своето обраќање пред присутните, државниот секретар Сабриу изрази задоволство од организацијата на работилницата, присуството и ангажманот на членовите на работната група кои се собрани со една заедничка цел - да се разговара, да се споделат искуства, но пред сè – да се бараат и градат решенија кои ќе донесат реални можности за младите луѓе во нашата држава.
Сабриу нагласи дека „Гаранција за млади“ не е само проект или политика – тоа е ветување. Ветување дека ниту еден млад човек нема да остане сам, заборавен или без поддршка.
Тој се осврна на демографските податоци според кои населението во државата старее, за слабостите во трансформацијата на младите од образование до вработување и нискиот процент на учество на младите лица во Северна Македонија на пазарот на труд во споредба со младите во ЕУ.

Гаранција за млади како мерка се пилотираше во 2018 година во неколку општини, за да следната година се спроведува на ниво на држава. И токму целта за спроведување на оваа важна мерка беше да се подобрат состојбите во државата.
Сабриу посочи дека иако има подобрувања, тоа не е доволно.
„Верувам дека анализите на спроведените активности на мерката ќе ги дадат следните чекори за нејзино поуспешно спроведување,“ порача Сабриу.