13.08.2025

Сабриу по повод Меѓународниот ден на младите: Гледам генерации што не се плашат да покажат кои се, што чувствуваат и за што сонуваат

Државниот секретар на министерството за социјална политика, демографија и млади, Фатмир Сабриу на покана на Коалиција СЕГА и Младински Центар Охрид, беше во посета на Младинскиот Центар Охрид, каде што по повод Меѓународниот ден на младите- 12 Август, се одржува „Недела на млади 2025“.

Во рамки на програмата за тој ден, младите  учествуваа на летна ликовна школа и школа за гитара, а централна активност беше одржување на  Masterclass за режија и сценарио со младиот режисер Антонио Велјаноски, каде  се споделуваа знаења и искуства од областа на филмската уметност преку практична и инспиративна сесија.

Честитајќи им го Меѓународниот ден на младите, државниот секретар Сабриу искажа силни пораки до младите.

„Цела оваа недела, преку Неделата на млади, градот пулсира во вашиот ритам – ритам на боите, музиката, сцените и вашите соништа. Во секоја четка што остава траг на платното, во секој акорд на гитарата, во секој режиски потег, јас гледам нешто поголемо од уметност. Јас гледам храброст. Гледам генерации што не се плашат да покажат кои се, што чувствуваат и за што сонуваат. Вие сте доказ дека младоста не е само број на години – младоста е пламен што го осветлува патот и својот и на сите околу вас,“ истакна Сабриу.

Тој нагласи дека Министерството е отворено и тука за поддршка на сите млади.

„Продолжуваме  да работиме за младинските центри да станат живи платформи за учење, создавање и поврзување. Ве охрабрувам – не се задоволувајте со тоа што ви е понудено. Создавајте го тоа што недостасува. Цртајте и обојте го светот каков што сакате да го гледате. Свирете ја музиката што сакате да ја слушате. Станете режисери на сопствената иднина. Оваа недела е вашата сцена. Овие денови се вашата приказна. А ние – ќе бидеме горди сведоци и сојузници во секој ваш чекор,“ порача Сабриу.

Тој искажа благодарност до Коалицијата СЕГА и Младинскиот центар Охрид, за поканата и организацијата на настаните кои се во духот на младинската креативност.

Со еден клик до сите услуги
Uslugi.gov.mk
Кликни тука
-->
Овој веб сајт користи колачиња "Cookies", за да го подобри корисничкото искуство.

Доколку ги прифаќате условите притиснете “Се согласувам”. Повеќе инфо.